Густ чад се издигна над хоризонтот на Газа, неколку часа откако Хамас соопшти дека дале „позитивен“ одговор на најновиот предлог за прекин на огнот. Групата додаде дека се потребни дополнителни преговори за деталите околу имплементацијата на истиот.
Засега не е јасно дали тоа значи целосно прифаќање на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за 60-дневен прекин на огнот, кој би можел да води кон крај на војната што трае речиси 21 месец.
Хамас бара гаранции дека првичниот прекин на огнот ќе доведе до трајно запирање на воените дејства. Претседателот Трамп интензивно работи на постигнување договор, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да ја посети Белата куќа следната недела за да разговара за можниот договор.
Меѓувреме, ситуацијата на терен останува драматична. Според Министерството за здравство на Газа во озраелски воздушни напади во петокот беа убиени 15 Палестинци, додека болнички извештаи велат дека уште 20 лица се убиени при обид да дојдат до хуманитарна помош.
Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека во последниот месец загинале 613 Палестинци додека се обидувале да дојдат до храна – најголемиот дел кај дистрибутивни пунктови поддржани од САД и Израел, но и при чекање на камиони со помош од ОН и други организации.