Сега можеме да потврдиме дека Северна Македонија е првата земја во Западниот Балкан која ги разреши сите преостанати случаи на лица без државјанство, како последица на распаѓањето на поранешна Југославија, вели во интервју за Телма Гуалано де Годој, претставник на УНХЦР.
Во извештајот на УНХЦР за глобални трендови што беше објавен минатиот месец, известивте дека во светот постојат 4,4 милиони лица без државјанство. Дали можете да ми кажете каква е состојбата со бездржавјанството во државава?
Северна Македонија оствари историски резултат. Сега можеме да потврдиме дека Северна Македонија е првата земја во Западниот Балкан која ги разреши сите преостанати случаи на лица без државјанство, како последица на распаѓањето на поранешна Југославија. Ова е историски резултат. Штотуку го затворивме последниот случај на 317 луѓе, од кои многумина чекаа со децении да имаат легален идентитет и повторно да имаат државјанство. Сега, може да кажат дека припаѓаат. Тоа го остваривме заедно и голема благодарност до владата, кабинетот на заменик премиерот, министерот за внатрешни работи, министерот за дигитална трансформација, Управата за водење на матичните книги и секако различните засегнати страни од меѓународната заедница – делегацијата на Европската Унија; Советот на Европа; ОБСЕ, заедно со нас и нашите партнери, особено Македонското здружение на млади правници и лидерите во заедниците. Работевме овој успех да биде признаен, пофален и да може да стане пример бидејќи сега земјата е член и лидер во глобалната алијанса за ставање крај на бездржавјанството, вели Габриел Гуалано де Годој, претставник на УНХЦР.
Зошто е важно да се стави крај на ситуации во кои имаме лица без државјанство ?
Бездржавјанството значи дека лицето нема државјанство, нема потврдено државјанство. Ова секако не е во согласност со меѓународното право. УНХЦР соработува со владите со цел тие да ги прифатат меѓународните договори и конвенции со цел да ги убеди дека сите заслужуваат државјанство, сите се значајни. Сите имаат право да имаат права. Ова значи, да се има пристап до образование, здравствена заштита, пристојно вработување, да купуваат и продаваат имот, да склучат брак. Тоа значи активно да учествуваат во секојдневниот живот. Ќе го споменам примерот на Ружа, која штотуку го прими своето македонско државјанство. Но, како последица на распадот на Југославија, таа е жена на возраст од 93 години, која преживеала многу предизвици, различни држави и конечно може да каже дека припаѓа. Ова е моќно сведоштво, на тоа што значи да се биде лице без државјанство, но исто така што значи да се има пристап до статус на граѓанин, до државјанство. И да не заборавиме: тоа е двојна придобивка. Лицето има можност активно да учествува како граѓанин, а државата ќе добие некој кој ќе плаќа даноци, ќе придонесува за локалната економија, ќе стане полноправен член на македонското општество, додава Годој.
Кои се следните чекори по затворањето на сите случаи на бездржавјанство кое настанало како резултат на распадот на поранешна Југославија?
Се уште мораме да ги затвориме случаите на лицата кои биле родени во Северна Македонија, но не можеле да го потврдат своето државјанство. Многу закони беа усвоени и променети од Собранието, кое е многу значаен фактор во овој случај и имаме нов закон за матична евиденција, со член 4(а) кој обезбедува навремена регистрација на раѓање, веднаш по раѓањето во породилните одделенија. Би сакале да ги затвориме преостанатите 168 случаи кои се уште се отворени. Исто така би сакале со поддршка на Владата и Собранието, да се усвои процедура за определување на бездржавјанство, со цел идните случаи да бидат идентификувани и разрешени. Исто така, мораме да продолжиме да соработуваме за превенција на појавување на нови случаи. Сега, особено зборуваме за децата кои се родени во Северна Македонија, од Северна Македонија. Тука се, затоа што потекнуваат од тука. Би сакале што е можно поскоро да обезбедиме глобален сојуз и национален сојуз, да осигураме сите овие постапки да продолжат. Да осигураме Северна Македонија, сега кога е член во Советот за човекови права, да може да стане пример. Пример за светот. Убаво е да се види дека луѓето кои сме ги поддржувале со децении.- речиси 20 000 луѓе се поддржувани од нашата канцеларија од 2001-та година навака. Многу сме горди да видиме дека можат да кажат… некогаш и по првпат: Јас припаѓам!, вели претставник на УНХЦР.
Нина Стефанова
Снимател: Игор Јанковски