Косовскиот парламент денеска беше итно евакуиран по добиена безбедносна закана, непосредно пред почетокот на 42-то продолжение од конститутивната седница.
Присутните пратеници веднаш ја напуштија салата, а новинарите беа замолени од обезбедувањето да ја напуштат зградата.
Поранешниот претседател на парламентот, Гљаук Коњуфца, изјави дека биле известени за телефонска закана и дека мерките се преземени согласно безбедносните процедури.
Засега нема дополнителни информации за природата на заканата или дали е идентификуван сторителот.
Инаку, на оваа седница Собранието повторно требаше да се обиде да избере претседател, откако повеќекратните обиди во изминатите месеци не дадоа резултат.
И покрај тоа што минаа пет месеци од парламентарните избори и три од конституирањето на новиот состав, Косово сè уште нема нов претседател на парламентот.