Вести Свет

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Републиканците во Сенатот го усвоија законот предложен од Претседателот Доналд Трамп со големи даночни олеснувања, пред се за најбогатите 1% од американското општество и намалување на државните трошоци со најмалото можно мнозинство и покрај противењето на Демократите и неколку конзервативни сенатори во текот на турбулентната расправа во текот на ноќта.

За да помине во Сенатот, еден од клучните закони на Трамп, нескромно наречен „голем прекрасен закон“, неопходно беше својот глас да го искористи и потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс.

Во ова гласање, гласовите „За“ се педесет, гласовите „Против“ се педесет. Бидејќи гласовите во Сенатот се изедначени, потпретседателот гласа „За“. Законот е усвоен“ – изјави потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс.

Сенаторите од Републиканската партија кои гласаа против беа Том Тилис од Северна Каролина, Сузан Колинс од Мејн и Ренд Пол од Кентаки.

Денешниот исход од гласањето е крај на невообичаено тензичното заседавање во текот на викендот, кога постоеше сериозна опасност законот да не биде усвоен.

Проблемите кои ги имаа Републиканците, кои имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, да го усвојат законот, сега со голема веројатност ќе продолжат и во Претставничкиот дом.

Но, претседателот Трамп не очекува многу проблеми во долниот дом на американскиот Конгрес.

„Законот штотуку беше усвоен. Тоа е одличен закон. Има нешто за сите. Мислам дека ќе помине многу лесно во претставничкиот дом. Всушност, мислам дека таму ќе биде и полесно отколку што беше во Сенатот“ – рече американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во обид да ги спречи можните проблеми во Претставничкиот дом, Спикерот Мајк Џонсон, ги предупреди сенаторите да не се обидуваат да променат нешто во верзијата на законот која ја усвоија. Но, одредени промени беа направени во Сенатот, со што се зголемуваат шансите законот да не биде усвоен до крајниот рок кој го определи Трамп – 4-ти Јули, денот на американската независност.

Даночните олеснувања кои ги нуди големиот прекрасен закон на Трамп, во најголем дел ќе ги користат оние на кои и најмалку им се потребни – милијардерите, кои верно го следат секој чекор на американскиот претседател, иако одредени олеснувања, во суштина трошки за тоа што го добиваат богатите, им се нудат и на обичните американци.

Но, на сметка на овие олеснувања се предлагаат остри кратења на програмата за здравствена заштита на најсиромашните американци – Медикеид. Според извештајот на непартиската конгресна буџетска канцеларија – дополнителни 11 милиони и 800 илјади американци ќе останат без здравствена заштита до 2034-тата година, доколку овој предлог закон биде усвоен и од Претставничкиот дом.

Истовремено, дефицитот ќе се зголеми за 3,3 трилиони долари во текот на наредните 10 години.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Ристевска: Прво ви велат „Сменете го Уставот“, а потоа ви велат „Билатералните спорови надвор“- контрадикторно е

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе