Втората хемотерапија денеска ја прими 64 годишната жена од Скопје со рак на белите дробови во 4-ти стадиум откако Телма во неделата пишуваше дека на закажаниот термин на 18 јуни терапија за неа немало и не и била понудена замена. Втората терапија и доцнеше 12 дена иако докторите и рекле дека максимално, примањето на лекот во борбата со страшната болест може да се одложи за една недела.
Телма стапи во контакт со клиниката од каде не информираа дека за пациентката сепак имало замена за нејзината терапија и дека веројатно настанало недоразбирање. По укажувањето пензионерката сега ја прими потребата втора од четирите препишани терапии. Таа не сакаше да си го открие ликот и идентитетот пред камерата на Телма од страв дека потоа може да има проблеми во процесот на лекување.
Од клиниката за Телма велат дека сите пациенти ја добиваат потребната терапија и дека се достапни лековите за третман на онколошки заболувања. Некои од лековите иако се навреме нарачани има застој во нивната дистрибуција, но за нив има замена од истата група на лекови со идентична ефикасност.
Тендерите се навреме спроведени, очекуваме овие лекови да пристигнат во првата недела од јули. Во меѓувреме уверувам дека за сите терапии има квалитетна замена и континуитетот во лекувањето е целосно обезбеден, вели Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски вели дека на клиниката за онкологија недостасуваат два вида на лекови, едниот за широка употреба на заболени од рак, а другиот за дел на болните од канцер на белите дробови, но за нив има замена.
Двата лека се генерика, што значи дека двата лека имаат други производители и други замени. Тоа е како, кога одите во аптека и ви викаат овој лек го нема има иста или слична генерика од друг лек. Ова не е зошто набавката не е направена на време. Два лека, два различни дистрибутери го немаат во моментов и е во дистрибутерска дефектура, ќе пристигнат. Меѓутоа на клиниката за онкологија има други два, три лека, од кои едниот мислам дека е од ист производител“, вели Клековски.
Воедно од клиниката за онкологија додаваат дека оваа година за двојно зголемен условниот буџет на клиниката за иновативни лекови.
Марија Митевска