Вести Македонија Најважни

Европа да се обедини, реформите се тешки, уставните измени главен услов – пораки од еврокомесарката Кос

Дискусии, средби и на крајот јасна порака – еден главен услов за продолжување на европскиот пат. Уставните измени се главната пречка пред Македонија. Ова го порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која од вчера е во Скопје на Самитот за Планот за раст на Западен Балкан. Дојде по одговорите до каде се државите од регионот со реформската агенда и кои ќе бидат следните чекори во исполнување на истата, во временската рамка до 2027 година, за пакетот од шест милијарди евра европски пари.

Според Кос, Планот е добра шанса за да се забрзаат интеграциите. А, запрашана за тоа какви гаранции нуди ЕУ дека нема да има понатамошна билатерализација на македонскиот европски пат, одговори дека доколку земјата си ја исполни обврската, ќе се одржи меѓувладината конференција без дополнителни условувања.

“Искористете ја оваа можност геополитиката е променета и гледаме вистинска заложба за проширување во главните градови на Европската Унија и за изградба на силна Европа којашто ќе преземе контрола врз сопствената иднина. Потребни ни се сите европјани коишто ќе соработуваат, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан” изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Еврокомесарката беше запрашана и за коментар по амандманот од бугарска страна, за придавката “современ” пред македонски јазик, во извештајот за напредокот на земјата во Европскиот парламент. Кос даде креативен одговор, наброја неколку неизбежни елементи од традиционалното македонско мени како тавче гравче, полнети пиперки, пинџур. На, оваа изјава одговор даде премиерот Мицкоски, кој кажа дека идентитетот македонски е повеќе од гастрономија, идентитетот е и Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански, Илинденско востание.

Идентитетот е начинот на кој се чувствуваме кон сопствената земја и начинот на којшто се грижиме за нашите традиции како манастирите да речеме овде во Северна Македонија, како погача, тавче гравче, пинџури или полнети пиперки“ изјави Кос.

„За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна туку е и Гоце Делчев и Шапкарев и Миладиновци Илинденското востание и Даме Груев и Јане Сандански и така натаму и така натаму. Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето коишто се дел од нашиот идентитет македонски идентитет“ додаде премиерот Мицкоски. 

По средбите со Мицкоски и другите лидери од Западен Балкан, еврокомесарката се сретна и со лидерот на СДСМ, Венко Филипче. По средбата, тој даде изјава за медиумите и повика на внатрешен консензус за евроинтегративниот пат, помеѓу сите политички чинители. Филипче кажа и дека жали што во изминатата година Македонија стагнирала на патот, а побарал и поддршка од Кос.

„Најмногу зависи од внатрешниот консензус поради тоа што тоа е прашање во коешто не само политичките партии, а тие примарно туку целото општество се обединува. Повикувам да седнеме заедно да точно дефинираме кој е начинот на којшто сите политички чинители ќе соработуваат со цел да земјата тргне напред” рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Инаку, на денешниот Самит во Скопје дојдоа и другите лидери на земјите од регионот, за заедно да го дискутираат Планот за раст на ЕУ кој предвидува шест милијарди евра финансиска поддршка, од кои 2 милијарди преку грантови, а 4 милијарди како заем за реформи и инвестиции. Земјите имаат преземено обврски, а во јуни истече првиот од роковите за конкретни резултати од сработеното.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе