Вести Македонија Топ вести

Втора шанса за упис во средните училишта – слободни над 16.000 места

Полуматурантите кои на првото пријавување не се запишаа во средно образование за учебната 2025/2026, денеска имаат втора можност за упис, на второто електронско пријавување овој месец. Потребната документација до училиштата ќе се доставува утре, а ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена в среда (2 јули) до 12 часот.

Според податоците на Министерството за образование и наука (МОН) од училиштата, за второто јунско пријавување има слободни 16.034 места за упис на ученици – 10.758 за настава на македонски јазик, 4.781 на албански наставен јазик, 474  на турски и 21 слободно место за настава на српски јазик. За гимназиско образование има 3.727 слободни места и 12.307 за стручно образование.

По првото аплицирање, спроведено од 14 до 17 јуни, вкупно се запишале 13.712 ученици од 16.601 пријавени. Од нив, 10.172  ученици се запишани за настава на македонски јазик, 3.248 за албански, 279 за настава на турски и 13 ученици за српски јазик.

Како и во последните неколку години, стручното образование е попривлечно за учениците, така што на првиот јунски уписен рок над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта  (9.469) отколку во гимназиите (4.243).

За гимназиско образование конкурсот за упис на ученици веќе е завршен во гимназиите „Јосип Броз Тито“ во Битола и „Никола Карев“ во Скопје. По првото пријавување, МОН објави информација и за училишта во кои Конкурсот за запишување ученици е завршен во стручно образование за одредени сектори/квалификации.

За учениците кои во јунскиот рок нема да се запишат во средно училиште, следна можност е августовскиот рок во училиштата каде што ќе има слободни места. Електронското пријавување ќе биде на 21 август, а истиот ден ќе треба да се достави и потребената документација до училиштата. Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето ќе биде објавена на 22 август.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со врвна технологија и соодветна опрема италјанските пожарникари на терен

Дејан Дејан

Статистика изброи 751 дивоградба лани – најмногу во Куманово, а во Чаир ниту една

Дејан Дејан

Предметот за Пулс е поштенска пратка која уште патува кон финалната дестинација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе