Додека скопската градоначалничка Данела Арсовска ги брои дивоградбите во Општина Чаир барајќи од надлежните посериозна реакција и казни, државниот завод за статистика излезе со извештај за дивоградби во Македонија во 2024 година според кој во истата општина минатата година не е регистрирана ниту една.
Од државниот завод за статистика информираат дека минатата година се регистрирани 757 бесправно изградени објекти од кои 151 се објект за домување односно станбени и станбено-деловни објекти и викендички. Процентуално најголем број дивоградби лани се токму станбените објекти 20 проценти а потоа следуваат огради, доградбите, надградби и адаптации, деловни објекти, гаражи натстрешници, летни тераси, времени и помошни објекти.
Гледано по општини, кога станува збор за 151 дивоизграден објект за домување, статистика открила дивоградби во 27 општини низ државата.
Најголем број на дивоградби се регистрирани во Куманово – 30 а двоцифрен број на дивоградби има и во Струга – 14 и Охрид и Гази баба по 13. Во Тетово избројани се 9 исто како и во Аеродром. Од скопските општини, покрај Чаир, статистика минатата година не открила дивоградби во Центар, Сарај, Шуто Оризари и Бутел.
Од поголемите градски општини во Македонија, според статистика, дивоградби во 2024 година немало во Ресен, Прилеп, Кичево и Неготино.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска викендов соопшти дека во Чаир, открила станбени згради изградени без дозвола во последните неколку години за кои во општинската документација стои дека се изградени во 2011 година а чии сопственици или инвеститори тогаш уште не тргнале во основно училиште.
Обвинителството засега отвори три постапки за дивоградби во Општина Чаир откако Арсовска им достави документација.
Огнен Чанчаревиќ