Вести Македонија Топ вести

Предметот за Пулс е поштенска пратка која уште патува кон финалната дестинација

Одлуката на Врховниот суд за судските постапки за пожарот во Кочани- се уште патува со македонски пошти кон трите надлежни судови додека роковите за оценка на обвинителниот акт течат.

Никој не знае каде е точно предметот за оценка на обвинителниот предлог за пожарот во Кочани. Врховниот Суд тврди дека го пратил кон Апелацискиот суд во Штип.

-Ве известуваме дека одлуката по предметот КР-35/25 е донесена на ден 25.06.2025 година, а експедирана до Апелациониот суд Штип на ден 27.06.2025 година. Воедно Ве известуваме дека истиот ден кога е донесена одлуката, објавено е соопштение на веб страната на Врховниот суд на Република Северна Македонија, ни одговорија од Врховниот суд. 

И во штипска Апелација го прочитале соопштението на Врховниот суд од минатата среда, но до денеска попладне кај нив не стигнал предметот по кој првично тие одлучуваа и го изземаа кочанскиот суд од натамошно постапување во случајот со пожарот во кабарето Пулс.

Предметот е пратен по пошта, но поштарот уште не го испорачал на адресата на штипскиот Апелацискиот суд. За одлуката на Врховен не се известени ниту другите два основни суда поврзани со постапката, судот во Кочани кој го доби обвинителниот акт на оценка и скопскиот Кривичен суд кој е делегиран од Врховен за продолжување на постапката за најголемата трагедија во државата.

Кочанскиот суд е изземен бидејќи нема простор, но дополнително сите судии беа опфатени при одлучувањето за притвори и мерки на обезбедување за осомничените кои станаа обвинети. Исти судии не може да учествуваат и во претходна постапка и на судења.

Кривичниот суд како најголем ја доби задачата да се справи со предизвикот, иако Врховен ниту објави ниту одговори на прашањата на Телма- дали скопскиот суд ќе биде надлежен само за оценка на обвинителниот акти или ќе ја води целата судска постапка до крај. Обвинети се вкупно 34-ца, а во пожарот загинаа 62-ца главно млади луѓе, додека се повредени 211.

Роднините на загинатите, повредените, цело Кочани, но и цела Македонија чекаат информации за локација и за старт на судењето, но одлуката привремено е закочена бидејќи пратката – предметот Пулс се уште е поштенска пратка која од петокот тргнала од Скопје, но се уште не ги поминала 75-те километри до Штип.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ранѓеловиќ: Во Извештајот и шпански јазик да стои дека се зборува во Македонија тоа ништо нема да придонесе ниту да го закочи евроинтеграцискиот процес

Дејан Дејан

Еврокомесарката Марта Кос пристигна да се увери во реформските чекори

Дејан Дејан

Кривична за директорот на „Национален парк Маврово“ – штета над 3 милиони денари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе