Под мотото „Силна Европа во светот што се менува“, Данска од утре до 31 декември 2025 година ќе претседава со Советот на Европската Унија, во кој период ќе работи на изградба на безбедна, конкурентна и зелена Европа.
„ЕУ се соочува со нов меѓународен поредок обележан со неизвесност, глобална стратешка и економска конкуренција и зголемени нивоа на конфликти. Затоа ЕУ мора да биде способна да дејствува самостојно. Силата на ЕУ, меѓу другото, лежи во европското единство, солидна економска основа, стабилни демократии и социјално балансирани општества. Оваа сила мора да продолжи да се развива и да се користи за промовирање и одбрана, како на европските интереси, така и на меѓународниот правен поредок“, се наведува во Програмата за работа на Данското претседателство.
Во документот се посочува дека Данското претседателство ќе работи на силна и решителна ЕУ што ја презема одговорноста за сопствената безбедност и за зајакнување на својата конкурентност, за што ќе биде потребно претворање на зборовите во дела и справување со предизвиците со кои се соочува Унијата.
Како приоритети на Данското претседавање се наведени зајакнувањето на европската безбедност, подобрувањето на конкурентноста и зачувување на водечката позиција на Унијата во зелената транзиција, за која се вели дека е од суштинско значење за градење побезбедна и поконкурентна Европа.
При промоцијата на приоритетите на Претседателството, данската министерка за европски прашања Мари Бјере посочи дека Данска го презема претседавањето со ЕУ во услови на нова геополитичка реалност, со променливи политички ветрови што дуваат од САД и со се поагресивната Русија.
„Приоритетите на Владата во претседавањето со ЕУ се внимателно избрани како одговор на итните предизвици со кои се соочува Европа. За нас е важно да обезбедиме пред 2030 година Европа да може да се одбрани. Исто така, постои итна потреба да се подобри конкурентноста на Европа. Поради овие причини, зајакнувањето на одбраната на Европа и отстранувањето на оптоварувачките регулативи, истовремено со одржувањето на зелената транзиција, ќе бидат два од најважните приоритети за Данското претседателство со ЕУ“, изјави Бјере.
Данското претседателство со ЕУ најавува и продолжување на поддршката за Украина и изнаоѓање нови и иновативни решенија за предизвиците на Унијата во врска со нерегуларната миграција за да може да се контролира приливот на илегални мигранти во Унијата.