Гевгеличани и екологисти од цела држава протестираат против изградба на две мали хидроцентрали на реката Дошница на Кожуф. По тридневни блокади, револтот на локалното население кулминира со протест преку кој порачуваат дека ваквите проекти се екоцид.
Една од водачите на протестите е гевгеличанката Марина Томова. Таа вели дека обидот да се градат хидроцентрали на Дошница е рамно на предавство на народот.
Јас како личност сум поврзана со реката Дошница преку мојот прадедо Крсте Марков, кој бил доброволец и ги снабдувал партизаните коишто се наоѓале на реката Дошница, пиеле вода таму, за ние да живееме слободно денеска. Тие војници биле важи дедовци и прадедовци, а ги снабдувал со оружје, храна и облека. Бил крвнички убиен за грст пари од наши т.н. македонци, а сега си имаме исто така работа со такви македонци, се работи за профит, за лични интереси да се стави реката во цевка, вели Марина Томова, екоактивистка од Гевгелија.
На блокадите кај Гевгелија изминатите три дена беа претежно млади луѓе. Тие велат дека им е смачено од тоа да гледаат како се разграбува природното и национално богатство за ситни интереси на поединци.
Кристијан Алчинов потекнува од пчеларско семејство, кое со генерации пчелари под падините на планината Кожуф. За него е незамисливо да се дозволи да се уништи просторот каде што живее автохтоната македонска пчела Apis mellifera macedonica.
Со изградбата на малите хидроцентрали, две се планирани на реката Дошница, то се „Папрат“ и „Баров Дол“, ќе се изгуби едно огромно богатство коешто го имаме ние луѓето, а сме го наследиле од нашите претци и треба да го оставиме во својата чиста форма за нашите идни генерации. Пораката е јасна и гласна-хидроцентрали на реката Дошница ќе нема. Максимално, со сите расположливи сили и средства ние ќе се бориме, ако треба и со жив ѕид да ја одбраниме реката Дошница од ваквите злонамерни проекти, вели Кристијан Алчинов, екоактивист и пчелар
Граѓаните на Гевгелија, кавадарци, Демир Капија и другите места од околината бараат итно и трајно да се запрат ваквите проекти. Тие потсетуваат на почитување на барањата на меѓународните конвенции за неизградба на мали хидроцентрали и уништување на реките и биодиверзитетот.
Апелираат и за покажување на целата документација поврзана со хидроцентралите, бидејќи сметаат дека проектот се водел тајно, што отвора сомнеж за законски пропусти и корупција.
Сузана Мицева