Вести Македонија Топ вести

Арсовска – Македонија е трусно подрачје, дивоградбите во Чаир се опасни

Опозицијата обвинува дека власта ја штити урбаната мафија и дивоградбите во Општина Чаир. Советничката од СДСМ во Советот на Град Скопје Љубица Јанчева денеска вели дека и покрај тоа што доказите за повеќе од 150 дивоградби во Чаир се јавно објавени, власта замижува и не смее да им писне на урбаната мафија и на коалиционите партнери од Вреди. Бараат итна истрага.

„Станува збор за масовна урбана мафија, над 150 објекти изградени без дозволи, без основни услови за безбедност, без гаранција за запазени стандарди во градењето. Објекти, за кои постои основано сомневање дека се на диво приклучени и во мрежата на ЕВН. А што прави МВР на Тошковски, што прави власта на ВМРО-ДПМНЕ? Нема абер за отворање постапки против никого. Министерот Панче Тошковски замижува, Мицкоски не смее да писне“, обвини Јанчева.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска втор месец објавува документи и обвинува за системско и незаконско легализирање дивоградби во Чаир. Таа го обвинува градоначалникот на Чаир Висар Ганиу дека незаконски легализира дивоградби и не го спречува градењето на диво во моментов. Таа пред еден месец во Обвинителството однесе документи за дивоградби во Чаир, а пред неколку дена соопшти дека доставила нови докази до обвинителството.

Според Арсовска, нови згради се пријавуваат како да се градени пред 2011, за да може да се легализираат според Законот за легализирање дивоградби, иако сопствениците во 2011, кога наводно почнале да ги градат, биле деца.

По земјотресот во Валандово утринава, Арсовска потсетува дека Македонија е трусно подрачје со чести земјотреси и оти затоа мора да се гради по пропис. Таа објавува фотографии од последиците од земјотресите во Драч и во Адана, како предупредување каква опасност се објектите што не се изградени по пропис, посочувајќи нелегално изградена 12-катница во Чаир.

„Измамени сограѓани, мислат купуваат стан во нова легална зграда, а добиваат небезбеден опасен објект (парите ќе си ги враќате). 12 ката без безбедност, без проект, без архитектура, без статика. Малтретирате луѓе со години со документи за доградба или гаража, за да ги уценувате за имотот на кој подоцна градите згради дивоградби. Цел живот не може некој да си реши станбено прашање, вие лажете дека на 5 години некој градел и го правите милионер со цела зграда сопственост“, напиша Арсовска на Фејсбук.

Мицкоски претходно ја повика Арсовска да постапува ако навистина има дивоградби, на што таа одговори дека Градот нема надлежност. По пријавите на Арсовска, обвинителството соопшти дека веќе постапува, а за еден случај веќе е отворена и истрага.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Одложено судењето на Нетанјаху поради дипломатски и безбедносни причини

Дејан Дејан

Орбан го обвини Брисел за „одвратната“ Парада на гордоста во Будимпешта

Дејан Дејан

Рекордно високи температури во Шпанија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе