Вести Економија Топ вести

Се чекаат понудите за брзата пруга Табановце – Гевгелија

За брзата пруга кон Грција и Србија допрва ќе се пресметува дали е исплатлива, таа кон Бугарија заглавена во тунел.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска вели дека досега нема пристигнато ниедна понуда за изградба на брзата пруга од Табановце до Гевгелија од Коридорот 10. На прес-конференција во Владата, каде даде отчет за сработеното во првата година од мандатот, министерката рече дека има голем интерес, барање за финансирање е испратено до 24 меѓународни институции и оти ги чекаат понудите.

Има многу прашања и затоа го продолживме рокот до 7 јули 2025. Станува збор за еден комплексен проект, особено што станува збор и за проектно финансирање и мора да ги разбереме и банките дека имаат потреба од појаснувања на одредени работи. Во постојана комуникација сме, вели Гордана Димитриеска – Кочоска, министерка за финансии

Се планира брзата пруга да се гради со британскиот кредит, односно со кредит од странски банки, на кој британската Експорт банка ќе биде гарант за да се обезбедат поповолни услови. Се очекува изградбата да чини 1,9 милијарди евра. Одговарајќи на пратенички прашања за економската исплатливост на проектот во четвртокот, министерката рече дека треба прво да ги видиме понудите па потоа да зборуваме дали е исплатливо или не.

Изградбата на пругата кон Бугарија, пак, заглави, затоа што Скопје и Софија не може да се договорат за изградбата на прекуграничниот тунел. Додека нема договор, Македонија не сака да троши пари на пруга која ќе заврши во слеп тунел на границата.

Во рамки на Форумот „Глобална транспортна поврзаност“ во Истанбул, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски се сретна со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов со кого разговарале за откочување на проектот, кој има и воено и политичко, а не само економско значење.

Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласија дека овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното Море, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Двајцата министри се согласиле за нова средба во наредниот период за да се договорат за изградба на заедничкиот тунел којшто треба да ги поврзе двете земји. Бугарија веќе има изградено пруга до пред македонската граница, но меѓуграничниот тунел треба да се гради со договор меѓу двете земји. Македонската влада има забелешки на нацрт договорот испратен од бугарска страна и бара средба за да се направат исправки.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стотици илјади луѓе учествуваа во Парадата на Гордоста во Будимпешта

Дејан Дејан

Владата ќе стимулира млади брачни парови да се станат градинари и фармери, но земјоделците не гледаат перспектива во аграрот

Дејан Дејан

Американската амбасада ги предупреди своите државјани да избегнуваат подрачја во Белград

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе