Вести Македонија Топ вести

Еврокомесарката Кос во понеделник по одговори за Планот за раст – денеска изгласани неколку реформски закони

До каде е Западниот Балкан на реформскиот пат кон ЕУ?! Еврокомесарката за проширување, доаѓа по одговори во понеделник и вторник, на крајот на јунскиот рок за усвојување на законските измени за усогласување со европската правна регулатива. Марта Кос ќе се сретне со премиерот Мицкоски и со другите лидери на земјите од Западен Балкан, со клучен фокус на напредокот и следните чекори.

Во меѓувреме, Македонија го фаќа „последниот воз“ за да се донесат дел од законите коишто се во склоп на реформската агенда. Нема време за реформи во сите области и ќе се влезе во таканаречениот „грејс-период“.

Денеска Собранието изгласа дел од пакетот закони и даде „зелено светло“ да продолжи процедурата за уште три други законски решенија.

Усвоени се пет реформски закони, од кои четири се однесуваат на дигитализацијата и сајбер-безбедноста. Со донесувањето на овие закони, се обезбедуваат над 19 милиони евра од Реформската агенда, вели министерот Андоновски.

„Покажуваме максимални резултати во тоа што си го зададовме како домашна задача и сме пример во поширокиот регион – како може да се применуваат најновите директиви и регулативи на ЕУ, во нашите закони. А, сега одиме кон вториот чекор на нивна целосна имплементација“, вели Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација. 

На Дневен ред на седницата за пакетот реформски закони се најдоа и три закони за јавната администрација. Станува збор за предлог-законите за вработените во јавниот сектор, за административните службеници и за стручно усовршување и обука, кои го поминаа првиот филтер.

Министерот Минчев тврди дека така ќе се професионализираат институциите, а ќе се искорени партизацијата.

„Со јасни ограничувања на дискреционите овластувања и со строги правила го прекинуваме просторот за партиски и неформални вработувања во јавниот сектор. И управувањето со институциите мора да биде во рацете на стручни, искусни, системски избрани кадри. И тоа е единствениот пат кон стабилна и одговорна администрација“, вели Горан Минчев, министер за јавна администрација. 

Наспроти уверувањата на министерот Минчев, опозициските пратеници дадоа бројни негативни епитети, конкретно на Законот за вработените во јавниот сектор. Конфузен, нејасен, контрадикторен и не ги објаснува целите, вели пратеничката Тренчевска.

„Уште повеќе, одредени состојби се влошени од аспект на правата на административните службеници. Самиот Закон има многу недоречености, што ќе отвори можности за коруптивен ризик и партизација, наспроти компетентност и мерит-систем. Во членот 4, административните службеници се поделени на државни службеници и на јавни службеници, за потоа во целиот текст на Законот не е јасно дали одредбите се однесуваат на двете групи на административни службеници“, вели Јованка Тренчевска, пратеничка од СДСМ. 

Засега, нема информации од други институции до каде се со исполнување на дел од обврските за реформи и зошто затаија. Такви се Министерството за енергетика, Министерството за економија, Министерството за финансии, Агенцијата за управување со одземен имот. Каска и Министерството за правда, со реформите во судството.

Како „камен на сопнување“ и најголем предизвик засега остануваат измените на Изборниот законик, но и имплементацијата на Законот за правична застапеност со кој треба да се замени „Балансерот“ – две клучни прашања, за кои „виси“ и Бадентеровото мнозинство.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Паднати дрвја и поплавени улици и патишта поради невреме во Тетово

Дејан Дејан

Богоjeски од директор замина за професор во Воена академија каде ќе предава економија на идните офицери

Дејан Дејан

Oд полноќ дизелот поевтинува

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе