Вести Македонија Топ вести

Екоактивистите со блокади против изградбата на две мали хидроцентрали на реката Дошница

Гевгелиските екоактивисти почнаа четиридневни блокади кај месноста Смрдлива вода, на триесетина километри над градот, во подножјето на планината Кожуф. Го блокираа патот, истакнаа транспаренти дека нема да дозволат реката Дошница да биде ставена во цевка. Вака младите од Гевгелија, но и околните места го изразуваат револтот од најавите дека и покрај сите противења и протести ќе се градат две мали хидроцентрали на Дошница.

„Ние граѓаните се собравме, ентузијасти, вљубеници во планината, да ја заштитиме реката Дошница од вакви несакани темни облаци кои се имаат намера да го расипат целиот Еко систем, да го уништат целиот синџир на екологија, на разновидна флора и фауна, на целиот природен диверзитет што го имаме во реката Дошница и по нејзиното течение и воопшто целата убавина на Кожуф планина“, вели Кристијан Алчинов, екоактивист од Гевгелија.

Активистите бараат да се отвори документацијата за изградбата на двете мали хидроцентрали. Тие се сомневаат во законитоста на целиот процес и бараат отворени јавни расправи на кои ќе се изнесат сите аргументи за и против ваквиот зафат. Maлите хидроцентрали се планирани на една од најчистите реки на планината Кожуф, во која живеат ендемски видови риби и инсекти, како автохтоната македонска пчела Апис мелифера македоника.

„Со изградбата на малите хидроцентрали, две се планирани на реката Дошница, то се „Папрат“ и „Баров Дол“, ќе се изгуби едно огромно богатство коешто го имаме ние луѓето, а сме го наследиле од нашите предци и треба да го оставиме во својата чиста форма за нашите идни генерации. Пораката е јасна и гласна-хидроцентрали на реката Дошница ќе нема. Максимално, со сите расположливи сили и средства ние ќе се бориме, ако треба и со жив ѕид да ја одбраниме реката Дошница од ваквите злонамерни проекти“, вели Алчинов.

Протести за овие хидроцентрали се одржуваат речиси две години. Граѓаните сметаа дека планината е заштитена, но, неодамна забележале багери во планината и дознале дека во тајност се продолжува со овој проект.

И експертите се сомневаат во исплатливоста на малите хидроцентрали. Тие досега се покажаа како закана за биодиверзитетот, особено за пресушување на реките. Во земјава има околу 100 мали хидроцентрали, некои од нив се изградени и во заштитени подрачја.

Протестите кај Смрдлива вода ќе траат секој ден од шест до 18 часот, а некои од активистите најавија и дека ќе кампуваат на местото на блокадите.

Сузана Мицева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Богоjeски од директор замина за професор во Воена академија каде ќе предава економија на идните офицери

Дејан Дејан

Oд полноќ дизелот поевтинува

Дејан Дејан

Фирмата на „Пулс“ била во радарот на УЈП – директорката отфрла одговорност во постапување на институцијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе