Петар Богојески, доскорешниот директор на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност, е избран за наставник на Катедра за општествени и хуманистички науки во Сектор за настава во Воена Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Неговата биографија е објавена во Билтенот број 128 на Воената академија, по што Богојески потпишува договор за работа со Министерството за одбрана.
Како единствен кандидат тој е избран во наставно-научно звање доцент во научното подрачје општествени науки, поле економија и бизнис. Составот на рецензентската комисија со одлука од 29 мај 2025 година, која го поднесе извештајот за избор е составена од претседателката д-р Снежана Костадиноска Милошеска, редовен професор од Економскиот институт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и членовите д-р Владимир Петковски, вонреден професор од Економскиот институт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, д-р Синиша Зариќ, редовен професор од Економскиот факултет при Универзитет во Белград.
Завршил историја со просек 8,08- магистрирал во Бугарија на политички со висок просек
Претходно во 2024 година е избран за наставник-доцент по јавен менаџмент на Универзитетот за мир на Обединетите нации, ЕЦПД. Богојески образовниот пат го започнува на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје, во 2003 година каде дипломира на насока „Историја“ со просечен успех 8.08. Своето образование го продолжува со магистерски студии на Факултетот за економски и социјални науки во Бугарија, каде во октомври 2005 година магистрира со средна оцена 9.11 со научен степен магистер по политички науки во областа на политичкиот менаџмент. Дополнително како круна на неговото образование ќе биде неговиот докторат одбранет во јануари 2024 година на Економскиот институт при УКИМ со просечен успех од 9,57.
Богојески меѓу другото, запишал и друг факултет, па во 2013 година, дипломирал и на скопскиот Правен факултет, а се специјализирал и на Лондонската школа за односи со јавност.
Почнал со редење тутун, па правел анкети за Галуп
Покрај образованието, Воената академија објавува во својот билтен дека првото работно искуство на Богојески започнува во 1997 година како општ работник во Тутунскиот комбинат „Нико Доага“ во Крушево. Потоа во 1999 година продолжува како аналитичар во Агенцијата „Brima Galup“, а во 2001 како комерцијалист во ДПТ „Завет Ком“.
Кариерата на Богојески продолжува во јавната администрација, вклучувајќи раководни позиции во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ во периодот од 2001 до 2008 година, а во истата година преминува на позицијата началник на сектор во Царинската управа каде не се задржува многу, бидејќи набргу ќе замине да работи како државен советник во Агенцијата за млади и спорт каде ќе се задржи до 2010 година.
Тој од 2010 година до 2025 година е државен советник за недвижности во Министерството за одбрана, а бил и советник во одделот за наменска индустрија. Претседател е на Македонски концепт, а претходно бил активен член и партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Воената академија наведува дека нивниот нов професор имал и активна улога во повеќе граѓански организации.
По неговото назначување за прв човек на Националната Агенција за образовни програми Еразмус следуваа критики, а повеќе медиуми објавија дека е сменет по забелешки кои стигнале од претставниците на ЕУ и директно од Брисел. Богојески пак тврдеше дека смената е поради „прередување“ на коалицијата на власт, во која е дел и Македонски концепт.
Уште додека бил директор на Агенцијата, Богојески се пријавил и победил на конкурсот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ за нов професор по економски науки. По смената во Еразмус, сега ќе предава на питомците и идните офицери меѓу кои има и припадници на безбедносните сили од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Теа Димковска