Издвојувањето по 5 отсто од БДП годишно за одбрана, како што беше договорено на Самитот на НАТО во Хаг, ќе предизвика големи буџетски промени, не само во Македонија, туку и во многу побогати земји. За Македонија, тоа би значело дека за одбрана ќе треба да се троши над 11 отсто од буџетот, повеќе од двојно од досега.
БДП за годинава е проектиран на 16,6 милијарди евра. Пет отсто од тоа е 830 милиони евра, половина милијарда евра повеќе од сегашниот буџет за одбрана. Сепак, тој праг не треба да се достигне веднаш, туку за една деценија. Но, тогаш и БДП ќе биде поголем, па за неколку години ќе треба да трошиме по една милијарда евра годишно за одбрана.
Во гостувањето во емисијата Вин-Вин, која ќе биде објавена вечерва, министерката за финансии вели дека тоа е предизвик со кој се соочуваат и другите членки на НАТО.
„Тоа е што е, ние сме членка на НАТО и ние ќе мора да ги испорачаме тие обврски. Добро е што имаме период на прилагодување, нема да биде од утре што се вели, туку остануваат неколку години за прилагодување, години во коишто ќе треба навистина да направиме посериозни реструктуирања во рамки на буџетот, а и на целокупната економија доколку сакаме да испорачаме повисок економски раст и во исто време да ослободиме средства во буџетот коишто ќе бидат наменети за одбраната. Секако е огромен предизвик, тоа е неспорно“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Засега нема точни проценки од каде ќе се најдат тие пари. Или ќе треба да се зголемуваат даноците, или да се крати на други места за да има за војската.
„Имајте предвид дека во нашиот буџет некаде околу 85-86 отсто се фиксни расходи. Замислете ако додадеме дополнителни расходи кои ќе бидат поврзани со одбрана, тоа дополнително ќе ја зголеми ригидноста на нашиот буџет, над 90 проценти ќе бидеме врзани со овие расходи, многу малку ќе остане да се одбраниме ако има криза итн. Значи, може да има ефект на целосна прераспределба. Може да се истиснат дел од расходите. За да зголемите едни, ќе треба да намалите други, дали за образование, дали за здравство, дали дел од капиталните инвестиции итн“, вели универзитетскиот професор Борче Треновски.
Со оглед на тоа што Македонија нема одбранбена индустрија, овие пари ќе треба да ги троши за увоз на оружје. Треновски вели дека уште од сега треба да почне да се размислува за инвестиции во истражување и развој во одбраната, како компјутерска безбедност, за барем дел од парите да може да завршуваат во домашната економија.
Самитот на НАТО во Хаг беше претставен како дипломатска победа на американскиот претседател Доналд Трамп кој инсистира на поголеми трошења од европските партнери. Иако во голем број земји-членки имаше незадоволство, сите освен Шпанија, се согласија за 10 години да почнат да издвојуваат по 5 отсто од Бруто домашниот производ за одбрана. Од нив, 3,5 отсто ќе се однесуваат на основна одбрана, односно оружје и трупи, а 1,5 отсто ќе претставува износ кој е предвиден за т.н. безбедносни инвестиции, како што се заштита на критичната инфраструктура, иновации, обезбедување на цивилна заштита итн.
Логиката на Трамп е јасна – ние даваме најмногу пари и ако сакате да застанете под нашиот безбедносен чадор и вие ќе треба да платите.
Сепак, нејасно е колку членките на НАТО вистински сакаат и можат во толкава мера да ги зголемат трошењата за одбрана. Во 2014 година, членките се согласија да издвојуваат по 2 отсто од БДП за одбрана. Повеќе од деценија подоцна, половина од земјите одвај стигнаа до тоа ниво, а 8 членки не се стигнати ни до 2 отсто. Сега се договорија да ја зголемат границата за дури 2,5 пати повеќе.
Нападот на Русија врз Украина ги натера европските земји да го зголемат трошоците за одбрана. Балтичките држави и Полска, кои чувствуваат директна закана од Русија, веќе се блиску до пет отсто, но ланскиот извештај на Северноатлатската алијанса покажува дека осум земји членки сè уште трошат помалку од 2 отсто за одбрана – Шпанија, Словенија, Луксембург и Белгија по околу 1,3 отсто, Канада скоро 1,4 отсто, Италија и Португалија по околу 1,5 отсто, Хрватска 1,8, а Словачка едвај 2 проценти. Уште десетина земји се движат околу 2 до 2,2 отсто.
Срѓан Стојанчов