Американските медиуми ја пренесоа првичната проценка на Разузнавачката агенција при министерството за одрбана на САД според која американските воздушни напади врз Иран само привремено ја забавиле нуклеарната програма на Техеран. И тоа за само неколку месеци.
Веднаш се огласи портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит која на платформата Икс остро ја нападна самата проценка.
„Таа наводна „проценка“ е целосно погрешна и класифицирана е како „строго доверлива“, а сепак на „Си-Ен-Ен“ ја оддал нискорангиран лузер од разузнувачката заедница. Објавата на таа „проценка“ е јасен обид да се понижи претседателот Трамп и да се дискредитираат храбрите борбени пилоти кои совршено ја изведоа мисијата на уништување на иранската нуклеарна програма. Сите знаат што ќе се случи кога ќе фрлите 14 бомби од 13.600 килограми точно на метите – тотално уништување“, порача Ливит.
Американски „Си-Би-Ес њуз“ објави оти извор запознат со проценката потврди дека прелиминарната анализа навистина сугерира дека нападите ја уназадиле иранската програма за само неколку месеци, а не дека ги уништиле постројките. Според него, нападите врз Фордо ги уништиле влезовите, но инфраструктурата за збогатување на ураниум, која се наоѓа длабоко под земја, останала воглавно недопрена.
Тој ги оспорува тврдењата на Ливит за квалитетот на извештајот, наведувајќи дека прелиминарните проценки обично се покажуваат како точни.