Проектот „Вардарска долина“ кој предвидува изградба на 12 хидроцентрали по течението на реката Вардар нема да претрпи измени или да биде стопиран поради изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, соопшти денес министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Давајќи отчет за сработеното во првата година од мандатот и воопшто постоењето на ова министерство таа додаде дека „Чебрен и Галиште“ останува на врвот на приоритети како и енергетското поврзување со Албанија, последна држава од соседството.
Министерството за енергетика и на транспорт и врски се во постојан контакт а се разгледува можноста за поместување на трасата на брзата пруга при проектирањето.
„Не сме се откажале од ништо, разговараме со министерот за транспорт. Мислам дека таму се работи на трасата. Од ништо се немаме откажано што е за Македонија бенефит. Треба инженери, геолози и геодети да кажат“ изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика рударство и минерални суровини.
Работната група експерти, формирана од министерството е децидна „Чебрен и Галиште“ мора да се изведе и дека најдобро е тоа да биде државен проект. Сепак Божиновска вели дека станува збор за огромна сума, над една милијарда евра, ќе бара средства од британскиот заем и не ја исклучува можноста за јавно приватно партнерство.
„Препораката на експертите кои беа вклучени во работната група е дека треба да е во државна сопственост. Треба да се изградат „Чебрен и Галиште“. Ние проверуваме колку тоа би чинело. Минимум е една милијарда инвестиции а достигнува и до 1,3 милијарди. Имаме повеќе опции ќе видиме што е најисплатливо за нас како држава. Треба да се договориме на крај колку финансии се потребни веднаш бидејќи е проект кој ќе трае, изградбата ќе трае осум години. Ќе мора да видиме што значи тоа финансиски за нас. Дали половина се плаќа одма и на колку години и понатаму ќе видиме дали ќе биде 100 отсто наш или евентуално јавно приватно партнерство“ рече Божиновска.
Енергетското поврзување со Албанија и изградбата на далноводот се очекува да почне набрзо со отворање на тендерските понуди.
Божиновска кажа дека до крајот на годината очекува да бидат изгласани пакетот четири закони за обновливи извори, за енергетска ефикасност, за јавно-приватно партнерство, за геологија и рударство со кој првпат се заштитува македонскиот рубин како национално богатство.
Како досегашни успеси и истакна носењето на новиот закон за енергетика и десетгодишниот план за развој на преносната мрежа, воведувањето на методологија за енергетска сиромаштија и обезбедена е забрана за исклучување на струја во зимските месеци за ранливите домаќинства и кампањата за ваучери за инвертeри.
Огнен Чанчаревиќ