Во гимназијата „Георги Димитров“ се пријавиле повеќе ученици отколку што имало предвидено слободни места. Поради тоа, наместо директен упис, вчера се одржа квалификациски испит. Вознемирени родители кои сакаа да останат анонимни се обратија до нашата редакција за да го искажат своето незадоволство и стресот што го претрпеле тие и нивните деца.
„Испитот беше стрес за сите нас. Во петокот ни кажаа дека во понеделник се полага испит. Не очекувавме такво нешто“, кажа родител.
Министерката за образование Весна Јаневска вели дека испитот е спроведен според закон. Објаснува дека ваквата постапка била неопходна поради тоа што сите пријавени ученици имале одличен успех, а квотата била надмината.
„Кога во одредено училиште ќе се пријават поголем број на ученици од предвиденото како што било случај во гимназијата „Георги Димитров“ и сите тие биле со одличен успех тогаш нема друг начин на прием освен да се полага квалификациски испит“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Минатата недела заврши првото пријавување за упис во средно образование за учебната 2025/2026 година. Над 16 илјади полуматуранти се пријавиле во првиот рок.
Вториот рок е на 30 јуни, а конечните ранг-листи по двете пријавувања ќе бидат објавени на 2 јули.
Тамара Марковска