Судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој во јануари годинава, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, предизвика сообраќајна несреќа во која загина пешакот Фросина Кулакова, се одложува за 3 септември 2025 година.
Причината за одложувањето е отсуство на обвинетиот, кој бил неуредно повикан за денешната расправа. Судот испратил барање до МВР за ажурирани адресни податоци и повторно ќе достави покани за следното рочиште.
Обвинителството ги измени обвиненијата: наместо претходното обвинение за „предизвикување општа опасност“, сега Зоран Јованов се гони за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“ – поблаго кривично дело, што подобро ја отсликува новата фактичка состојба според новите докази.
Исто така, се истражува дали Јованов му дозволувал на својот син Васил, кој бил без возачка дозвола и имал претходни прекршоци, да управува возило во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година. Таткото на загинатата Фросина Кулакова најави кривична пријава за судијката што го води предметот, поради сомнежи во постапувањето.