Синдикатот на контролорите на летање во Македонија најави целосен штрајк и затворање на воздушниот простор од 10 јули, доколку раководството на М-НАВ не ги исполни итните барања, пренесува интернет порталот „Сакам да кажам“.
Според информациите кои ги објавуваат синдикатот обвинува дека, и покрај согласноста од Министерството за финансии за вработување инженери и метеоролози, раководството продолжило да вработува партиски советници и кадар со средно образование на несуштински позиции.
Контролорите предупредуваат дека системот за управување со авиосообраќај е стар и дотраен – последната набавка е од 2001 година, а новиот систем, купен уште во 2014 година, сè уште не е имплементиран.
Дополнително, прелетите над македонското небо се зголемени за 30% поради воените случувања меѓу Израел и Иран, што ја зголемува опасноста од преоптовареност на системот. Синдикатот бара итна реализација на спогодбата од декември 2024, вработување стручен кадар и имплементација на новиот АТМ систем. Велат дека доколку до 30 јуни не се постапи по нивните барања, штрајкот е неизбежен и „единствено оружје што им останува“.