13 полициски службеници и началници од Кочани и Штип вечерва се уапсени во рамки на истрагата за пожарот во Кочани, потврдија за Телма од истрагата.
Уапсените биле на функција или на должност вечерта кога се случи пожарот во Пулс кога загинаа 62-ца луѓе, а 211 беа повредени. Истрагата за полициските службеници ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а уапсените претходно беа на распити во постапки пред Внатрешната контрола на МВР.
Сите приведени се осомничени за предизвикување општа опасност. Приведени се и началниците на кочанската полиција и на криминалистичкиот оддел во Кочани за кои беа објавувани фотографии од учество на партиски состаноци што е забрането според Законот за полиција.
Обвинителството потврдува дека апсењето е во тек, но најави информации за утре за кога е закажана и прес конференција. Досега со истрагата за пожарот во кабаре Пулс беа опфатени 14 полицајци и началници за нивни постапки пред 2024-тата година.
Ова е прво апсење на полицајци кои вршеле началнички функции или биле на должност на 16-ти март кога изгоре Пулс.