Вести Економија

ОЕЦД: Економската конвергенција на Западен Балкан со ЕУ останува бавна и нерамномерна

Економиите на Западен Балкан во последните две децении забележале само скромен напредок во намалувањето на економскиот јаз со Европската Унија, се оценува во новиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Бруто-домашниот производ (БДП) по жител според паритетот на куповна моќ на земјите од Западен Балкан во 2023 година изнесувал нешто под 40 отсто од просекот на ЕУ, што е зголемување од околу 13 процентни поени во споредба со 2003 година, се наведува во извештајот на ОЕЦД под наслов „Резултати од економската конвергенција на Западен Балкан 2025“.

Експертите на ОЕЦД истакнуваат дека до ова приближување придонел стабилниот економски раст во регионот во последните 20 години, при што стапките на раст на Западен Балкан биле постојано повисоки од оние во ЕУ.

Во периодот од 2003 до 2023 година, БДП по жител според паритетот на куповна моќ во регионот се зголемил за 120 отсто, односно од 9.725 на 21.305 долари.

Сепак, економската конвергенција со ЕУ, се нагласува во извештајот, останува стратешка неопходност за шесте економии на Западен Балкан. Покрај зголемувањето на животниот стандард, поконкурентен и поодржлив регион е клучен за поттикнување на трговијата, привлекување инвестиции и продлабочување на интеграцијата во европските пазари.

ОЕЦД анализирала 35 индикатори поделени во пет тематски кластери: инфраструктура и поврзаност, вештини, деловно опкружување, дигитална трансформација и зелена економија.

Најзначителна конвергенција со ЕУ е забележана во областа на инфраструктурата и поврзаноста, иако вкупниот учинок таму останува слаб. Регионалната транспортна инфраструктура, особено железничката, значително заостанува зад ЕУ, а застарените термоелектрани придонесуваат за енергетска неефикасност, што се одразува во големи енергетски загуби.

Дигиталната инфраструктура, пак, имаше полза од значајните инвестиции. Тоа резултирало со значително подобрување на дигиталната поврзаност и стапките на користење мобилни телефони, кои се приближуваат до оние во ЕУ.

Кластерот „вештини“ бележи најслаби резултати, и покрај постепеното приближување до стандардите на ЕУ. Иако состојбата на пазарот на труд во регионот се подобрува, младинската невработеност и неактивноста остануваат високи, а напорите за преквалификација добиваат на значење.

Кога станува збор за деловното опкружување – областа со најсилни резултати на Западен Балкан – во последните десет години не е забележан јасен напредок во конвергенцијата со ЕУ. Забележани се подобрувања во банкарската стабилност и инвестициите, но пристапот до поволно финансирање, особено за малите и средни претпријатија, и понатаму претставува предизвик.

Извештајот предупредува дека корупцијата и сивата економија продолжуваат да ја поткопуваат фер конкуренцијата и да ги одвраќаат инвеститорите, а трговските текови на Западен Балкан се сè уште под просекот на земјите-членки на ЕУ.

Дигиталната трансформација е вториот најуспешен кластер во регионот, што се должи на силната поврзаност меѓу граѓаните и бизнисите. Користењето интернет на Западен Балкан достигнува над 95% од нивото во ЕУ, а секторот на информациски и дигитални технологии се издвојува како клучен двигател на економскиот раст.

Во последниот кластер – „зелена агенда“ – се бележи значителна разлика и влошување на перформансите во споредба со ЕУ. Разликата се продлабочува, бидејќи во повеќето области резултатите стагнираат или назадуваат. Иако земјите започнале да спроведуваат политики за позелена економија, напредокот е ограничен – особено во намалување на емисиите на јаглерод, а исто така се зголемува и загриженоста за неефикасно користење на ресурсите.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Проширена истрагата на уште 13 полициски службеници за пожарот во „Пулс“

Дејан Дејан

„ 12“ на МНТ победи на 59. МТФ„ Војдан Чернодрински“

Дејан Дејан

Ќе донесе ли војната меѓу Израел и Иран нов бран на поскапувања?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе