Бирократска калкулација, а не демократија. Вака пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова го нарече постојниот изборен модел,во обидот да ги убеди пратениците да го поддржат нејзиниот предлог за една изборна единица.
Го достави предлогот веднаш откако премиерот од собраниската говорница изјави дека би поддржале прекројување на изборните единици, но доби поддршка само од 19 опозициски пратеници.
„Не е фер гласовите на околу 30 до 40 илјади граѓани да одат во вода, само заради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот“ -рече Зајкова.
Сличен предлог помалите партии имаа и пред четири години, но и тогаш беше одбиен. Премиерот и денеска го повтори ставот дека е за една изборна единица, но министерот за локална самоуправа деновиве изјави дека не очекува тоа и да се реализира пред локалните избори.
Веднаш по одбивањето на предлогот на Зајкова, на дневен ред беше ставен тој на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, за измени на Изборниот законик, со кои се бришат двата нови члена кои се однесуваа на поднесување на независни листи, а се вметнуваат и препораки на ОБСЕ ОДИХР.
Со новиот предлог, се враќа процентуалното собирање на потписи за локалните избори кои се движи од 100 до илјада потписи, но останува високиот праг од 3 ипол илјади потписи за Град Скопје.
„Со ова се дава фер шанса, во зависност од големината на општината да се соберат потребните потписи,кои се движат од 100 до илјада, освен за град Скопје“рече Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ.
Предлогот следи откако Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи на 1 процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица.
Далиборка Демјанска Цветановска