Вишиот управен суд со правосилна пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата, со кое се утврдува дека веледрогериите АД „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје учествувале во картелски договор при јавна набавка на инсулин и медицински производи, распишана во 2016 година од Министерството за здравство, информираат од КЗК.
Според Комисијата, двете компании свесно договарале цени, елиминирајќи ја конкуренцијата на штета на државниот буџет и граѓаните. Станува збор за набавка на инсулин, глукагон, игли, ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и потрошен материјал, со вкупна вредност од неколку милиони евра. За прекршувањето на Законот за заштита на конкуренцијата, Комисијата им изрече глоби во висина од 1.061.000 евра за АД „Д-р Пановски“ и 721.000 евра за „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје.
„Ова е класичен случај на ограничување на конкуренцијата – забранет картел со кој се заменува здравиот пазарен натпревар со координирано договарање на цени“, соопшти Комисијата.
Пресудата е потврдена и од Управниот и од Вишиот управен суд, што ја прави правосилна и извршна, а компаниите се обврзани да ги платат казните во законскиот рок.