Британската фирма Фенвик елиот ќе ја советува македонската влада за проектите кои ќе се градат со британски пари, соопштија владини извори за Телма. Компанијата консултан била избрана од страна на координативното тело на Владата за арбитражни постапки во конкуренција со три фирми кои доставиле понуди.
Конкретно за брзата пруга премиерот Мицкоски рече дека министерството за финансии ќе може да се обрати до 20 тина финансиски институции за да ги обезбеди потребните 1, 7 милијарди евра за изградба, по што ќе објави тендер и онаа која ќе даде најдобри услови за финансирање ќе биде избрана.
За одлуката со која се задолжи финансии да најде пари за овој проект на својот фејсбук соопшти министерот за транспорт Николовски. Но не се објави на страницата на Владата кае редно треба да има информации за тоа што се носи на владините седници. Сепак, премиерот уверува дека целиот процес за проектите и за задолжувањето од Обединетото Кралство е транспарентен.
„Апсолутно е транспарентен начинот на кој се објавуваат вестите посебно поврзани со стратешкото партнерство со Велика Британија. Ние нема никогаш да си дозволиме во парламентот на шверцерски начин да усвојуваме закони со европско знаме како што беше оној за коридорот 9 и 10Д никогаш да дозволиме со европско знаме повторно да поминуваме закони како што беа измените во Кривичниот закон“ – изјави премиеро Христијан Мицкоски.
Овој месец треба да се донесе и стратегијата за реорганизација на железница, односно согласно обврските за планот за раст промени треба да има во надзорните и во управните одбори на претпријатијата. Дали е отпочнат и до каде е овој процес Мицкоски не откри.
Пред извесно време земјава со Британија потпиша договор за соработка со што на располагање доби 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти. Освен изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија, според најавите следните средства кои ќе се влечат ќе бидат за изградба на Клинички во Штип , болници и студентски дом.
Ирена Чачкова