Спротивставени информации пристигнуваат од Индија во однос на бројот на жртви по уривањето на патничкиот авион со 242 патници и членови на екипажот. Боингот 787 на Ер Индија се урна кратко по полетувањето врз населба во непосредна близина на аеродромот во северозападниот индиски град Ахмедабад.
Нашиот приоритет е да ги спасиме повредените и до обезбедиме помош. На тоа работи нашиот тим и ние сега се упатуваме таму, порача заменик министерот за цивилна авијација, мурлидар мохол.
Тоа што засега е потврдено е дека еден од патниците ја преживеал несреќата и е доволно добра состојба да разговара со локалните медиуми. Британскиот државјанин Вишваш Кумар Рамеш, кој седел на седиштето 11А им го покажал бординг пасот на индиските новинари и изјавил дека само 30 секунди по полетувањето започнала гласна бучава и авионот се урнал.
Освен тоа, досега се извлечени телата на 204 жртви, но индиските власти засега не се во можност да потврдат колкумина од нив се од авионот, а колку во населбата на земја врз која падна авионот.
Истрагата е во тек, одржавме состанок со повеќе претставници за да ги истражиме причините, бројот на жртви и спасувачката операција која се одвива на терен. Засега е прерано да се зборува за бројот на жртви. За тоа ќе биде потребно време, оцени министерот мохол.
Авионот летал од северозападниот индиски град Ахмедабад до Лондон, со 230 патници и 12 членови на екипажот. Достапните информации на Флајтрадар покажуваат дека авионот престанува да испраќа податоци само една минута по полетувањето.
Во овој момент е многу, многу рано и не знаеме многу, но 787 има многу системи за мониторирање податоци. Параметрите на рекордерот на податоците од летот се илјадници. Значи, набрзо штом се открие рекордерот ќе дознаеме што се случило, рече џон кокс, Извршен директор на Безбедносни оперативни системи и авијациски експерт.
Ова беше прво уривање на Боинг 787 Дримлајнер кој е во комерцијална употреба 14 години и експертите посочуваат дека досега се покажал како еден од најбезбедните авиони некогаш конструирани.
Колку и да е ова трагично, не верувам дека може да извлечете заклучок оти 787 не е безбеден авион. Постојано демонстрира дека е. Ер Индија има добра историја за безбедноста. Генерално, авијацијата е најбезбедната форма на патување досега дизајнирана од човештвото, додаде кокс.
Во својата флота од 190 авиони, Ер Индија има 27 Боинзи 787 Дримлајнер. Американскиот авиопроизводител пред само шест недели се пофали дека неговиот најсофистициран модел 787 Дримлајнер од влегувањето во употреба превезол една милијарда патници.
Игор Трајков