Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, е подготвена на средба и со бугарскиот премиер Росен Жељазков, на Самитот на НАТО во Хаг, откако од Софија стигна информацијата дека Бугарија решила таа во Хаг да биде претставена на премиерско ниво.
Од Кабинетот на претседателката за Телма информираа дека во принцип Сиљановска Давкова е подготвена за средба со сите и во секоја прилика. На прашањето на Телма дали таа би прифатила разговори на ниво претседател – премиер, од Кабинетот одговорија со „да“.
Ако има подготвеност од Жељазков, претседателката ќе се сретне и со него и со секого, за да ги изложи македонските аргументи. Ова е принципелна позиција што важи за Хаг, гласи во одговорот од Кабинетот на претседателката.
Истиот став на претседателката го дели и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе разговара со Сиљановска Давкова, за тоа дека доколку има било каква иницијатива на ниво премиер со претседател во Хаг, Македонија да го прифати и тоа.
Без разлика што не сум јас таму и тоа треба да го прифатиме. Тоа е мојот став, изјави Мицкоски.
Сепак Мицкоски не се воздржа од коментар и ја нарече политичка егизибиција одлуката на Софија во Хаг да ја претствува Жељазков, иако, како што рече првично од Бугарија бил најавен дека ќе оди претседателот Румен Радев.
Претсдателот на Европскиот совет даде предлог, ние го прифативме тој предлог, веднаш, без дилема. Да се седне помеѓу двајцата претседатели, фасилитирано од страна на Европската унија, за време на настан на кој што сме рамноправни и едните и другите. Е сега таму гледаме една егизибиција, можеби е таков начинот на функционирање на бугарската политичка сцена. На самитот во Вашингтон присутен беше премиерот, каде што бев јас присутен. Логично е да ротираат претседателот и премиерот, барем таква е праксата, изјави Мицкоски.
Инаку до денес нема потврда од Бугарија дали ја прифаќа иницијативата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за средба меѓу македонската и бугарската делегација во Хаг, за надминување на билатералниот спор и откочување на македонските евроинтеграции.
Тамара Грнчароска