Uncategorized Вести Економија Македонија

Фискален совет: Потребна е поумерена фискална политика

Фискалниот совет ја издвојува зголемената државна потрошувачка како еден од клучните предизвици за одржување на фискалната стабилност во Северна Македонија, е наведено во Годишниот извештај за 2024 година и Програмата за работа за 2025 година на Фискалниот совет, за кој денеска се разгледуваше на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Во извештајот стои дека анализите покажуваат дека јавните расходи во периодот од 2019 до 2023 година пораснале за 39,6%, додека номиналниот БДП бележи поскромен раст од 21,4%. Тоа значи дека расходите растеле за 18,2 процентни поени побрзо од економијата.

Со ревидираниот буџет за 2024 година, оваа тенденција продолжува. Учество на јавните расходи во БДП во 2023 година достигна 38%, а за 2024 година се проектира зголемување на 40%. Ова е значително повисоко во споредба со предпандемиската 2019 година, кога ова учество изнесувало 32,5%. Во вториот квартал од 2024 година, јавните расходи веќе достигнале 40,5% од БДП.

Фискалниот совет во извештајот предупредува дека ваквата динамика носи ризици за стабилноста на јавните финансии, особено, ако не биде придружена со соодветни реформи и зголемени приходи. Совeтот укажува на потребата од поодржлива и поумерена фискална политика со фокус на подобра структура и ефикасност на расходите.

Расходите за пензиите во ревидираниот буџет за 2024 година бележат значителен раст – номинално зголемување од 11,3% во однос на 2023 година.

Овој тренд го потенцира долгорочниот фискален притисок врз државниот буџет, а особено ја истакнува потребата од суштинска реформа на пензискиот систем. Современите предизвици, како стареењето на населението и намалувањето на активното население, дополнително ја загрозуваат стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ). Советот укажува и на структурните слабости во вториот пензиски столб, кои бараат итна анализа и ревизија.

Фискалниот Совет предложи: „Доколку се пристапи кон зголемуванье на пензиите над пропишаното правило, мерката за пензиите треба да биде пропратена со други мерки кои треба да овозможат зголемување на приходната страна на буџетот и на пензискиот фонд, како што се мерки за зголемување на возраста при пензионирање.“

  • Капиталните расходи и јавните инвестиции 

– Ревидираниот буџет за 2024 година вклучува амбициозни капитални расходи, но со историски слаба реализација (околу 70% во последните години), како и недостаток на механизми за проценка на ефективноста на инвестициите и слабост во управувањето со капитални проекти. Од Советот се препорачува воведување на систем за оценка на ефективноста и реализација на јавните инвестиции како и засилување на капацитетите на ЕНЕР.

Предлог-буџетот за 2025 година беше доставен до Собранието во ноември, и истиот е во целост усогласен со Фискалната стратегија за 2025–2029 година. Оваа стратегија, задржувајќи го високото учество на јавните расходи, е фокусирана на напорите фискалната политика да даде придонес за промовирање на одржлив економски раст, при што се приоретизира: растот на капиталните инвестиции, ефикасноста на јавната администрација, воведувањето на е-фактура и дигитализација, постепената фискална консолидација, и намалувањето на сивата економија.

Во меѓувреме Владата ја усвои новата Фискална стратегија 2026 -2030 која е веќе доставена до Собранието.

Дополнително, во однос на претходнaтa година, во извештајот на Фискалниот совет се наведуваат и следените детали:

  • Зголемување на непродуктивни расходи     

-Прекумерно е зголемување на непродуктивните расходи – особено на плати, стоки и услуги. Забележана е недоволна реалокација кон продуктивни расходи (инвестиции, образовна и здравствена инфраструктура). Советот препорачува при секоја ревизија на буџетот да се врши детална анализа на структурата на расходите, со цел зголемување на учеството на продуктивната потрошувачка.

  • Јавен долг и управување со долгот 

-Иако има намалување на проектираниот јавен долг, ризиците остануваат поради висока изложеност на девизни и каматни шокови. Недостаток на јасна стратегија за управување со долгот (вклучително и домашен пазар на хартии од вредност). Се препорачува да се ревидира стратегијата за јавен долг со приоритет на фискална стабилност, долгорочно рефинансирање и поддршка на домашниот пазар.

  • Фискални ризици 

-Надворешни ризици можат да бидат во делот на геополитиката и енергетскиот сектор, но  и домашните како можни предвремени избори, промени на политики и судски одлуки. Присутни се условени расходи, без доволна фискална заштита или фонд за непредвидени трошоци. Советот препорачува да се формира фискален простор преку буџетски резерви, подобрување на буџетскиот процес за управување со условени обврски и непредвидливи трошоци.

Tea Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 100 загинати во Газа за 24 часа, комуникациите во целосен прекин

Дејан Дејан

Србија со 50 милиони евра заем од ЕБРД ќе го подобрува квалитетот на воздухот

Дејан Дејан

Германски воз запрен предвреме поради премногу валкани вагони

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе