Дополнителни 2000 припадници на Националната гарда, како и 700-тини маринци се упатија кон Лос Анџелес, по наредба на Претседателот Доналд Трамп, кој упорно го зголемува военото присуство во градот кое локалните власти и Гувернерот Гавин Њусом не го поддржуваат а според шефот на полицијата создава и логистички предизвици за безбедно справување со протестите.
Конвој автобуси со маринци ја напушти воената база во пустината во Калифорнија источно од Лос Анџелес, доцна во ноќта.
Трамп ја оправдува милитаризацијата на Лос Анџелес како неопходна за зачувување на редот и мирот, опишувајќи ја ситуацијата во градот како на раб на граѓанска војна и анархија, иако реалноста е сосема поинаква. Во свој стил и со користење на препознатливите зборови – прекрасна, фантастична, Трамп не се колебаше да си честита и себеси за одличната работа која ја завршил.
Сосема поинаква перспектива за распоредувањето на припадниците на националната гарда и маринците имаат претставниците на власта во Калифорнија.
Гувернерот Гевин Њусом го опиша Трамп и одлуките кои ги носи како пореметени и диктаторски.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, многу посмирено се обиде да објасни зошто одлуката на Трамп е противзаконска и штетна, посочувајќи дека националната гарда може да се распореди дури откако тоа ќе го побараат локалната власт и Гувернерот на сојузната држава за која станува збор – во овој случај, Калифорнија
Јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, поднесе и тужба против распоредувањето на Националната гарда, објаснувајќи ја со тврдењето дека Трамп го поништил суверенитетот на државата.
Протестите во Лос Анџелес се интензивираа во текот на викендот, откако на наредба на Трамп, припадниците на службата за справување со илегалната имиграција и царината започнаа со приведување на лицата со нерегулиран престој во САД од овој град. Калифорнија е американската држава со најголем број имигранти во Соединетите држави – повеќе од 10 милиони луѓе. Речиси два милиони од нив се со нерегулиран престој во САД, но и интегрален дел од економијата на Калифорнија.
Во текот на вчерашниот ден протестите беа досега најмирни и со најмалку инциденти, при што повеќе илјади луѓе се собраа пред градското собрание во Лос Анџелес а неколку стотици протестираа пред федералниот комплекс кој е претворен во импровизиран затвор за дел од имигрантите кои беа приведени во операциите на безбедносните служби од претходните денови.
Никола Илиевски