Во Далас и Остин се одржаа протести против имиграциските политики на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Демонстрантите во Далас блокираа сообраќај и се соочија со полицијата, додека во Остин дел од нив беа приведени.
Протестите се случуваат во момент кога Трамп нареди дополнително распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес, со што вкупната бројка на федерално ангажирани припадници надмина 4.100.
Во градот беа испратени и 700 маринци, што предизвика осуди од калифорниските власти. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, и јавниот обвинител Роб Бонта најавија тужби против федералната администрација, оценувајќи го распоредувањето на трупите како незаконско. Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека нивниот град е дел од „експеримент што не го побарале“ и побара итен прекин на имиграциските рации.
Претседателот Доналд Трамп пак ја бранеше одлуката за распоредување на Националната гарда во Лос Анџелес за справување со протестите против имиграциските политики, изјавувајќи: „Сѐ е многу добро и под контрола“. Тој ги критикуваше лидерите на Калифорнија велејќи дека „се плашеа да направат нешто“. Протестите почнаа во петокот во центарот на Лос Анџелес, а потоа се проширија и во градовите Парамонт и Комптон. Локалните власти најавија тужби против федералното раководство поради интервенцијата на Трамп.