Вести Свет

Тензично во делови од Лос Анџелес – Трамп се закани дека ќе ги испрати маринците

Тензиите во Лос Анџелес ескалираа во текот на минатиот ден и ноќта, откако повеќе илјади демонстранти излегоа на улиците да се спротивстават на одлуката на Претседателот Доналд Трамп да ги распореди припадниците на националната гарда, блокирајќи го сообраќајот на еден од главните автопати низ градот. Демонстрантите запалија и каменуваа неколку полициски возила, додека безбедносните служби користеа солзавец, гумени куршуми и шок гранати во обид да ја контролираат толпата.

Најголем дел од демонстрантите се разидоа со доаѓањето на ноќта и откако полицијата објави дека собирањето на голем број луѓе е незаконско, што е предуслов за полицајците да започнат да ги апсат луѓето кои одбиваат да заминат.

Вчерашните протести во Лос Анџелес, огромен град со над 4 милиони жители, беа концентрирани во само неколку улици во центарот. Тоа беше третиот ден од досега најинтензивните протести против политиките на Трамп кон илегалните имигранти, кои се апсат и депортираат ширум Соединетите американски држави, често и без целосно почитување на нивните човекови права. Распоредувањето на околу 300 припадници на Националната гарда само дополнително го зголеми бесот и стравот меѓу локалното население.

Трамп, чии најверни сојузници кои одбија да го прифатат поразот од Бајден на изборите во 2020-тата година, на 6-ти јануари 2021-та година насилно се пробија и во американскиот конгрес, сега се претставува како голем почитувач на редот и поредокот. Ако треба ќе ги испратам и маринците, се закани шефот на американската држава.

„Ние ќе имаме трупи насекаде. Нема да дозволиме ова да и се случува на нашата земја. Нема да дозволиме нашата земја да биде распарчена како што беше под Бајден и неговиот автоматски потпис“, се закани Трамп.

На прашањето која е неговата граница да ги испрати маринците, Трамп одговори:

„Границата е таа која што јас ќе ја определам. Мислам, ако видам дека има опасност по нашата земја и нашите граѓани, ќе бидеме многу силни во поглед на законот и редот. Сето ова е за законот и редот“.

За властите во Калифорнија и Лос Анџелес, главниот виновник за ескалација на ситуацијата е токму Трамп и неговите политики, кои единствено ги разгоруваат тензиите.

„Ова што го гледаме во ЛА е хаос создаден од администрацијата. Луѓето имаат право на протест, тоа е право од првиот амандман. Но, луѓето исто така треба тоа право да го користат на мирен начин, не сакаме да и дадеме изговор на администрацијата. Соработуваме со официјалните лица, организираме ресурси, но тоа што го гледаме во Лос Анџелес е хаос кој го испровоцира администрацијата“ – вели градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.

Демократите, кои ја контролираат власта во најнаселената американска сојузна држава, Калифорнија, остро ги критикуваат обидите на Трамп и екстремната десница која го поддржува за неселективно протерување на сите имигранти. Економијата во Калифорнија во голема мерка зависи токму од евтината работна сила од Мексико, луѓето кои се подготвени да го работат тоа што ниту еден американец не сака.

Но, подемот на Трамп и започна со неговиот говор во кој го обвини Мексико дека ги испраќа своите најлоши луѓе во САД, опишувајќи ги како сексуални предатори и убијци. Справувањето со илегалната имиграција со протерување на сите имигранти беше и еден од главните столбови на неговата кампања со која ја доби довербата на гласачите.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 94 милиони евра стекнати спротивно на законот- МВР ја објави кривичната пријава за групата на Крмзов

Дејан Дејан

Политичката реторика е рецепт како може да се убие ентузијазам на оваа група луѓе која стана заедница, Сапорт Кочани не се препознава во говорот на Мицкоски за некрофилија

Дејан Дејан

(ЕКО) Феминизам во пракса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе