Премиерот Христијан Мицкоски ја обвини опозициската СДСМ за некрофилија. Во говор пред Унијата на млади сили во Велес. Тој предупреди и дека сè повеќе се манипулира со трагедијата, а обвини и дека движењето за помош на Кочани полека преминува во политичко движење. Испрати и политички пораки до ДУИ, а зборуваше и за извештајот во Европскиот парламент, чие гласање е одложено за 24 јуни.
Мицкоски вечерва предупреди на, како што рече, сè поголемата манипулација со трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 млади луѓе. Тој зборуваше на роденденот на Унијата на млади сили на партијата, и ја обвини СДСМ за некрофилија.
Премиерот рече дека заедно со Европската унија работат на проект за Кочани, со кој – како што наведе – епски ќе се промени изгледот на градот на подобро. Деталите, според него, наскоро ќе бидат објавени во јавноста.
Имаше порака и за барањето на Демократската унија за интеграција за предвремени избори заедно со локалните. Во говорот ја фалеше владата за досегашните постигнувања во економијата и успехот на меѓународен план.
Тој рече дека извештајот, чие гласање беше одложено во Европскиот парламент, ќе биде изгласан и додаде дека на политичките противници им олеснало кога се одложи гласањето. Но, увери дека извештајот ќе биде усвоен затоа што „целата Европа и Брисел знаат за вековниот, посебен македонски идентитет и македонски јазик, и тоа ќе го поддржат“.