Вести Македонија Најважни

Денес во Кочани деветти собир „Марш за ангелите“ посветен на жртвите од пожарот

Денес со почеток во 16:05 часот, во Кочани повторно ќе се одржи собирот „Марш за ангелите“, посветен на жртвите од трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“. Настанот претставува продолжение на јавниот повик за одговорност, правда и сеќавање на 62-та млади луѓе кои го загубија животот, како и речиси 200-те повредени во една од најголемите цивилни трагедии во поновата историја на Македонија.

Маршот ќе започне од Паркот на револуцијата, од каде граѓани, роднини, пријатели и поддржувачи ќе се движат преку трговскиот центар, покрај зградата на Општината и полициската станица – до зградата на судот и Јавното обвинителство во Кочани. И овој пат, како и претходно, учесниците симболично ќе маршираат во тишина, со фотографии, свеќи и транспаренти, барајќи одговори и соочување со одговорноста која, според семејствата – изостанува.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на ноќта на 16 март, при што огнот брзо се прошири поради небезбедната внатрешна структура и недостатокот на основни безбедносни мерки – како излез за итни случаи, систем за гасење, контрола на бројот на присутни, аларм за евакуација. Според родителите, истрагата сè уште не резултирала со целосно расчистување на прашањето кој е одговорен, ниту со кривични постапки против одговорните лица кои тие сметаат дека се виновни, што ја продлабочува недовербата на јавноста кон институциите.

Многу од преживеаните и денес живеат со тешки последици – физички, но и психолошки. Семејствата на настраданите се решени да не дозволат трагедијата да биде заборавена. Тие инсистираат дека само преку вистината и соочување со одговорноста, може да се избегнат идни катастрофи од сличен тип.

„Маршот за ангелите“ е не само симболично сеќавање, туку и директен повик кон државните институции – правосудството, локалната власт и Владата – да ја исполнат својата морална и правна должност.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео)Овие институции одново ги убија нашите деца – порачаа родителите на загинатите во пожарот

Дејан Дејан

Препораки за безбедно учество во сообраќајот во пресрет на летната туристичка сезона

Дејан Дејан

(Видео)„Марш за ангелите во Кочани“ – деветти собир за загинатите во пожарот во дискотеката

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе