Вести Свет Топ вести

Руте: Не треба да постои сомнеж за американската посветеност на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обиде да ги смири шпекулациите  околу тоа колку новата администрација на САД е посветена на алијансата, а кои се појавија откако министерот за одбрана Пит Хегсет соопшти дека нема да учествува на состанокот на контакт групата за одбрана на Украина. Отсуството на Хегсет, според Руте, не треба негативно да се интерпретира.

„САД се комплетно посветени на НАТО, комплетно посветени на нашите заеднички напори кога станува збор за Украина. Нема причина за сомнеж во тоа, а дали некој учествува или не на секој еден состанок, да не заборавиме, овие состаноци најчесто се одржуваат во Европа, па според тоа американските претставници не се секогаш во можност да учествуваат на секој состанок“ изјави Марк Руте – Генерален секретар на НАТО.

Не мал број од сојузниците започнаа да се сомневаат во американската посветеност откако оваа администрација, вклучувајќи го и Хегсет, не само што жестоко ја критикуваа Украина дека таа е страната која не сака војната да заврши, туку значително и ја намалија помошта за неа. Во некои европски земји, се појавија дури и шпекулации дека САД планираат да се повлечат од алијансата, или барем значително да го намалат својот придонес. Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер на денешниот брифинг инсистираше дека тоа не е случај.

„Остануваме посветени на Членот 5, но исто така сметаме дека е разумно нашите сојузници да бидат посветени на Членот 3, во кој се вклучени индивидуалната и колективната одбрана. По повеќе од 10 години од тоа ветување, дури сега стигнуваме до таа точка во која сите сојузници ја исполнуваат таа обврска од пред 11 години. САД остануваат посветени на НАТО и ќе продолжиме да бидеме веродостоен и сериозен партенр во Алијансата“ изјави Метју Витакер – Постојан претставник на САД во НАТО.

На утрешниот министерски состанок сојузниците ќе дискутираат за значително зајакнување на способностите на алијансата поставувајќи амбициозни цели, како зголемување на трошењето за одбраната на 5 проценти од БДП на земјите членки.

Од воспоставување на нови мобилни копнени формации, преку инвестирање во противвоздушна и противракетна одбрана, до логистика и обновување на инфраструктура, пред се во Источна Европа, за брзо распоредување на силите, министрите го подготват теренот за НАТО самитот подоцна овој месец, на кој лидерите ќе го имаат последниот збор.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонскиот фолклор инспирација за дуо „BudaPesme“ од Будимпешта

Дејан Дејан

„Макпетрол“ организира „Крени глас“ работилници за родителите од Охрид и Струга

Дејан Дејан

Политички пораки и славенички фрази од Ахмети – лидерот на ДУИ се обрати пред чаирчани, на 23-годишнината од формирањето партијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе