Третманот на жените во затвор, но и односот на општеството кон жените на маргините на системот, се тематската рамка на претставата „ Кататонија“, чија премиера се одржа синоќа на големата сцена на Македонскиот народен театар. Претставата ја режираше Васил Христов, по мотивите на текстот „ Празно“, од Британката Алис Бирч, чиј стил се врзува за драмскиот правец „ Во лице“. Па, од 100 сцени драматургот Викорија Рангелова- Петровска направи избор од 24, кои низ фрагментарна драматургија зборуваат за екстремни ситуации во кои запаѓаат современите жени-жртви на патријархатот. А, комплексните сцени ги оживуваат осум актери од средната и помладата генерација, кои играат по неколку улоги.
- Ова е претстава која што најбрутално ги претставува женските приказни. Најболните, најболно замисливите женски приказни. За жена- жртва на насилство, за жена- мајка која што губи дете, за жена која што има изгубено сѐ , вели Сања Арсовска, актерка.
- Судбините на овие ликови се испреплетуваат во текот на претставата и публиката најверојатно ќе може да извади некое НЗС, кажа Владимир Петровиќ, актер.
Жестока според содржината, но суптилна според режисерската разработка на атмосферата, претставата вклучува игра пред микрофон за дирекно соочување на публиката со кататоничната стварност во која живееме.
- Комплетна соголеност, каде што навистина текстот и актерите ќе можат во времето што го имаат на сцена, да го пренесат тоа што е всушност самата поента, рече Верица Недеска, актерка.
И додека се изведуваше овој копродукциски проект меѓу Театарот Вондерленд и МНТ, во завршницата на 70 издание на „ Стеријно позорје“, Македонскиот народен театар ја понесе специјалната награда за колективна актерска игра, за претставата „ Народен пратеник“, со која учествуваше. За театарот кој настапи на фестивалот по 22 години пауза , ова е историски ден, а наградата што ја слави и велича не само актерската вештина, туку и сплотеноста што се раѓа на сцената и заедништвото во процесот на создавање, е доказ за силата на колективната енергија што живее низ целото траење на претставата.
Сотир Трајков