Со триумфален речник, дел од поранешните амбасадори прогласија победа за македонската дипломатија, по денешните случувања во европските институции, околу Предлог-извештајот за Македонија.
Други, пак, со оценка дека претходно наметнатите услови се главната причина за недоразбирањето.
Според поранешниот амбасадор во САД, Зоран Јолевски – реалноста е на македонска страна, а пораката е јасна – реформите не смеат да запрат.
„Како дипломат, претпоставувам дека во овој период тие сакаат да направат дополнителни консултации. Меѓутоа, она што е значајно е ние како држава и како регион да продолжиме со реформите бидејќи тие ги правиме за нашите граѓани. И нашата економија што побрзо да се приближи и стане конкурентна со европската економија. Реалноста е на наша страна. Живееме во 21 век и некој да негира идентитет на одредена нација е несвојствено“, вели Зоран Јолевски, поранешен амбасадор во САД и член на Советот на амбасадори.
Екс-амбасадорот во НАТО, Нано Ружин, е на став дека извештајот набрзо ќе биде усвоен и од него ќе произлезат многу елементи.
Одложувањето и новиот датум за гласање на Предлогот е само мала епизода, вели тој.
„Во суштината на играта како што знаеме сепак е проблемот околу внесувањето на бугарското малцинство во Уставот на нашата држава. И тоа останува главен влог на ова недоразбирање. Како втор фактор би го земал чинот што премиерот самиот истрча и се пофали непотребно со многу прецизни податоци за Извештајот кој уште не беше усвоен, што кај бугарската страна наиде на одредена љубомора еве да кажам бидејќи сметаат дека не треба да се има на увид таков документ од страна на премиер на една држава“, вели Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
Поранешниот амбасадор во Бразил, Ивица Боцевски, препознава голема победа на македонската дипломатија, затоа што Европа има на увид каков е бугарскиот став за Македонија.
„Без разлика какво ќе биде финалето на целата оваа епизода, јасно е дека македонската дипломатија извојува една огромна победа во една огромна битка, којашто се однесува токму на прашањето да се излезе на виделина – кој е бугарскиот став. Сега целата европска јавност може да суди и да гледа дека единствено нешто што е спорно е токму самото постоење на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и самото постоење на македонската нација“, вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор во Бразил.
Новиот датум за усвојување на Предлог-извештајот за Македонија е за точно дваесет дена, на 24 јуни.
Петар Догов