Заклучно со април ЕСМ купиле струја во вредност од 42 милиони евра. За четири месеци со овие пари биле набавени 350 гигават часови. Дел од количините се обезбедени преку отворен пазар, дел преку домашната берза МЕМО. Ова беше истакнато на вчерашниот брифинг во Министерството за енергетика. Паралелно, успеале и да продадат околу 100 гигават часови.
Од годишниот извештај на компанијата може да се види дека лани во овој период исто се правеле набавки и преку берза и на отворен пазар. Според, табелата во извештајот тогаш се купила струја во вредност од близу 30 милиони евра или 12 милиони евра помалку од сега.
Во текот на цела 2024 година пак биле потрошени околу 100 милиони евра за набавка на електрична енергија.
Од ЕСМ соопштија дека се работи на тоа рудникот Живојно што поскоро да биде отворен. Очекувањата се дека од таму дневно ќе може да се ископуваат од 7 до 10 илјади тони јаглен.
Во завршна фаза бил процесот на издавање на концесија. Како што соопштија од ЕСМ, за една недела целата документација ќе биде комплетирана, по што ќе се достави до Министерството за енергетика кое треба да ја издаде концесијата. До 2030 година треба да биде исцрпен целиот јаглен од рудникот.
Со овој капацитет се очекува да се намали потребата од увоз на јаглен, но и набавките на струја, со што би се скратиле и трошоците.
И додека се чека да биде отворен на домашен терен јаглен се обезбедува од рудникот Брод – Гнеотино во РЕК Битола. Таму копа фирмата Топлина Подмоље. Пред да биде избрана како најповолен понудувач, беше привремен оператор за ископ. Топлина Подмоље беше и подизведувач на Марковски, компанијата со која новото раководство во РЕК Битола го раскина договорот, заради неисполнување на обврските.
Инаку, според годишниот извештај загубите во ЕСМ се над 120 милион евра. Но, и покрај новите задолжувања, разликата во продажната цена на струјата и онаа по која ја продава и тоа што во првиот квартал производството беше за 35 отсто помало од планот, очекувањата се дека годинава би можела да се заврши со позитивна нула.
Ирена Чачкова