Родителите на починатите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ имаат право да бараат одговори, а институциите се должни да одговорат, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако пред два дена семејствата на починатите млади луѓе на осмиот протестен марш за ангелите обвинија дека кобната ноќ на 16 март полициски службеници ја затвориле вратата на дискотеката, со што нивните деца биле спречени да излезат во времето кога од пиротехнички средства настанал пожарот во дискотеката.
Тошковски забележа дека во моментот се преземаат сите активности од страна на Јавното обвинителство околу случајот со пожарот во дискотеката.
„Не можам, а да не спомнам дека само Господ на крајот на завршување на целокупниот овој процес ќе биде оној којшто ќе суди за секоја една солза, којашто дополнително непотребно е исплакана од македонскиот народ, заради тоа што одредени политички лешинари се обидуваат цело време упорно и свесно да манипулираат со македонскиот народ и особено со родителите“ изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката Пулс починаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Во истрагата која заврши пред неколку дена опфатени се 46 осомничени лица. Во меѓувреме семејствата на починатите и повредените секоја сабота маршираат по кочанските улици, барајќи неселективна правда за нивните деца.
Викторија Димитрова Јованова