Барикадите од сега па натаму ќе бидат јасната граница помеѓу безбедносната и слободната зона – граница зад којашто ќе важат посебни мерки.
Собранието ќе биде во посебен режим од еден ипол хектар, со воздушна граница од 100 метри во вис.
Институцијата ќе треба да го откупи и плацот за планираната катна гаража во паркот до неа. Таа парцела е во сопственост на приватна фирма и просторот беше расчистуван минатото лето, но изградбата не почна, а лимените тараби се уште стојат.
Во безбедносната зона се забранува и одржување на јавни собири, протести или манифестации, летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала во воздушниот простор над Собранието.
„Свесни сте и вие дека во Собранието требаше согласно некои претходни постапки да се изгради приватен објект до самото Собрание. Се бараше катна гаража. И од таа причина се бараше решение да се изнајде за надминување на тој проблем“, вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа зона се заштитува за да не може да биде понатаму злоупотребена. Може ќе му текне утре на било кој друг, не знам, министер, градоначалник, итн, да продава дел од имот којшто е имот на граѓаните и којшто треба да им служи на институциите. Така што оваа заштитна зона го решава тој проблем“, координатор на пратеничката група на СДСМ.
„Не е идејата да се ограничуваат протести, заеднички сме го изгласале заради сосема други цели“, вели Блерим Беџети, координатор на пратеничката група на Европскиот фронт.
Пратениците ја отфрлија дилемата дека јавните собири и протестите ќе бидат забранети и на булеварот „11 Октомври“, пред Собранието. Законското решение важи за дворот на институцијата.
„Пратениците здружено го поднесоа законското решение за прогласување на безбедносна зона околу Собранието. Безбедносниот режим според образложението е особено важен во ситуации кога има ненајавени протести и кога би се ускратило правото на слободно движење на пратеникот и негово извршување на пратеничкиот мандат.“
Со предлог законот се забрануваат измени на Детални урбанистички планови за просторот на безбедносната зона на Парламентот, а сите досегашни одобренија за градба престануваат да важат.
Петар Догов