Министерството за внатрешни работи постапува согласно наредба, односно одлука донесена од страна на судот, изјави министерот Панче Тошковски на прашање како сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски експресно за половина ден добил времен пасош кој му овозможил да отпатува за Истанбул на матурска прослава на неговиот син. Тошковски додава дека како и за други личности од интерес на јавноста во минатото, кога се постапило согласно закон и во рамки на итна постапка се издавал пасош за еден ден, така било и во овој случај.
„Мислам дека суштината на прашањето во овој случај треба да биде како е донесена одлука од судот да се врати предметната патна исправа, а не зошто МВР постапиле согласно одлука на судот. МВР не може да постапи поинаку ниту сега, ниту претходно, ниоту во иднина ќе постапиме спротивно на наредба дадена од страна на јавен обвинител и на одлука донесена од страна на надлежен судија“, рече Тошковски.
Во четврток, скопска Апелација го донела решението со кое е одобрено Јахоски да добие привремен пасош. Во петокот тој заминал кон Грција, а викендот присуствувал на семејната прослава во Турција. Вчера ја ја поминал границата на преминот Богородица и заминал во Кривичниот суд да се јави како дел од мерките за обезбедување во истрага.
И како што Тошковски прстот го впери во судот, оттаму вчера одоговорија дека не издаваат патни исправи и пасоши туку тоа е обврска на други надлежни институции во случајов МВР. Барањето до судот било поднесено на 12-ти мај, а на 29-ти мај, Апелација му дозволила на Јахоски да извади пасош со рок од важење од 6 месеци.
Тоа сепак се случило благодарение и на мислењето на обвинителството кое донело одлука да го прифати предлогот за издавање на времена патна исправа заради присуство на осомничениот на матура на неговиот син. На тоа влијаела и претходната одлука Јахоски од притвор да биде пуштен во домашен притвор со гаранција на недвижен имот од околу 1 милион евра и дополнително и средства од над милион евра.
Јахоски е осомничен за перење на пари во истрагата за злоупотреби со набавки на мазут за ТЕЦ Неготино. Со истрагата се опфатени и сопствениците на РКМ, притворените Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски.Истрагата е поради злоупотреби со набавките вредни над 160 милиони евра.
Марија Митевска