Последните неколку бугарски влади, како технички така и политички, изминативе години напорно работеа да ги исполнат условите за влез во еврозоната, но непосредно пред конечната одлука на Брисел, за тоа дали Бугарија може да го воведе еврото, се отворија длабоки поделби во бугарското општество и силно противење против напуштањето на левот.
„Ќе го откриеме прагот на нашата сиромаштија ако сите цени се во евра и купуваме во евра“ вели пензионерката Тања Игнатова.
Помеѓу реалните стравувања од враќање на инфлацијата и продлабочување на сиромаштијата, се измешани и многу популистички и националистички причини, зачинети со сериозна доза на дезинформации на социјалните мрежи.
„Во иднина зошто да не, кога ќе бидеме подготвени, но во моментов не сме. И ми се чини дека ниту ЕУ не е финансиски подготвен“ рече пензионерот Марио Георгиев.
Последната анкета на Евробарометар покажа дека додека довербата во еврото расте во сите останати земји од еврозоната, тоа не е случај со Бугарија. Дури 50 проценти од Бугарите се противат на воведувањето на еврото, додека тоа го поддржуваат 43 проценти.
„Тоа е само валута и кога сме веќе членка на ЕУ, на крајот на денот, таа одлука е веќе донесена, еврото е валутата. Мислам дека Бугарија имала многу придобивки од ЕУ, и независно дали е лев или евро, како што гледаме и со левот растат цените и инфлацијата. Исто ќе биде и со еврото, мислам дека нема да има голема разлика“ изјави Константин Божинов, жител на Софија.
Противењето е поттикнато од популистичките и проруски политичари во земјата која е сѐ уште е една од најсиромашните и најпогодените од корупција во унијата.
„Власта одбива да го слушне гласот на народот и се плаши да го праша. Обидите на Борисов, Пеевски и нивната влада да го свртат вниманието, да нѐ убедат дека инфлацијата е под потребниот праг, да го претстават процесот на воведување на еврото како процес во кој граѓаните немаат збор“ изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Економистите сепак уверуваат дека влијанието од воведувањето на еврото нема да биде почувствувано на краток рок, особено затоа што според законот курсот на левот со еврото е фиксен.
ЕК утре треба да пресече дали Бугарија ги исполнува условите за влез во Еврозоната, и доколку комисијата даде зелено светло, во следните недели земјите членки ќе треба да одлучат дали Софија ќе се приклучи во неа.
Игор Трајков