Обвинителството отвори истрага за дивоградба во Чаир за која соседите поднеле кривична пријава лани. Шестокатницата се градела без одобрение и на државно земјиште на улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир. Состојбата во која се наоѓа објектот ја констатирал овластен судски вештак.
„Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност По+П+6+Пк наменети за продажба“ соопштуваат од ОЈО Скопје.
Обвинителството бара мерки на претпазливост меѓу кои и одземен пасош и забрана за изведување градежни работи на објектот-дивоградба а судот сè уште нема донесено одлука.
Оваа зграда се наоѓа во близина на онаа за кој градоначалничката Арсовска минатата недела се јави во живо на социјалните мрежи а викендов поднесе и докази во обвинителството. Побара да одговара градоначалникот на Чаир Ганиу затоа што со легализирал дивоградба со фалсификувани документи Арсовска најави и дополнителни докази за 150 дивоградби во Чаир.
Тој предмет е во предистрага, а предупредува да не се дозволи бришење на докази и најави.
Град Скопје зборува со факти, зборува со докази, зборува со нешто со коешто требаше досега да биде обезбедено од страна на надлежните институции, а Висар Ганиу веќе почна да ги уништува доказите. Два од предметите веќе ги има избришано во самиот Катастар, но верувам дека тие докази ќе ги најдат, жива среќа што имаме уште 150. Најважно од се е да се спречи уништувањето на докази, доколку тие не влезат во општината Чаир да ги обезбедат доказите, тогаш ние ниту имаме правен поредок, ниту имаме правна држава, ниту имаме владеење на правото во Република Македонија“ изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Телма претходно објави дека во обвинителството повеќе од 2 години има предистрага за предмет со кој Антикорупциската комисија побара за поведување на кривична одговорност за градоначалникот Ганиу и главниот градежен инспектор, а се однесува на дивоградба во населбата Дуќанџик. Од Обвинителството тврдат дека Општина Чаир не им доставила податоци за бараната парцела туку за друга па писмено се обратиле до Министерството за транспорт и врски за да се изврши надзор и увид. Одговор од министерството сè уште не добиле.
Елена Ивановска Мукоска