Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека во денешните напади врз руски воени аеродроми, Русија претрпела штета од седум милијарди долари.
Седум милијарди американски долари. Ова е проценетата штета на непријателската стратешка авијација, која беше погодена денес како резултат на специјалната операција „Пајакова мрежа“ спроведена од СБУ. Погодени се 34 отсто од авионите кои носеле стратешки крстосувачки ракети, се наведува во соопштението на СБУ.
Претходно, руските власти соопштија дека неколку воени авиони се запалиле за време на големиот украински напад со дронови.
Во регионите Мурманск и Иркутск, неколку авиони се запалиле по лансирањето на беспилотни летала ФПВ во непосредна близина на аеродромот, објави руското Министерство за одбрана на Телеграм.
СБУ претходно објави дека со дронови нападнала четири клучни руски военовоздухопловни бази: Белаја во Иркутската област, Олења во Мурманск, Дјагилев во Рјазан и Иваново во истоимената област. Во нападите со беспилотни летала оштетени или уништени се повеќе од 40 руски воени авиони, вклучувајќи бомбардери со долг дострел Ту-95 и Ту-22М3, како и авион за рано предупредување и надзор А-50.
Руското Министерство за одбрана тврди дека Украина ги таргетирала аеродромите во регионите Мурманск, Иркутск, Иваново, Рјазан и Амур, но предизвикала штета само на првите две локации.