Uncategorized Вести Македонија

Една изборна единица прифатлива за сите – дилеми околу другите прашања поврзани со изборите

Демократски сојуз и Либерално-демократската партија денеска излегоа со свои иницијативи за измени на Изборниот законик. Во фокусот на поднесените законски измени е воведување на една изборна единица, а сето тоа во името на унапредување на демократијата.

Но, на маса се и други прашања поврзани со изборите – како на пример отворените листи и независните.

Идејата за измени на Изборниот законик и воведување на една изборна единица повторно стана актуелна минатата недела. Премиерот Мицкоски изрази подготвеност, но побара и да се дозволи дијаспората да гласа, преку формирање на избирачки места во државите каде што е тоа дозволено согласно Устав, надвор од Дипломатско-конзуларните претставништва.

„Тоа не е опфатено во нашиот предлог меѓутоа знаете дека кога еден закон стига во постапка секогаш има можност амандмански да се интервенира во законот. Да ја слушнеме дебатата и аргументите и нормално дека ако е позитивно ќе биде прифатено“, вели Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на ЛДП. 

Претседателот на Владата денеска повтори дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да има една изборна единица, но само со можност да гласа и дијаспората.

Мицкоски смета дека има доволно време за подготовки до следните парламентарни избори.

„Сега следните локални избори ќе се завршат, но до следните парламентарни избори имаме неколку години така што еве ако на време си ја фатиме работата можеме да ги подготвиме и Дипломатско-конзуларните претставништва и не гледам причина зошто тоа да не се случи. Инаку, немаме политичка дебата ниту пак некаква наша политичка агенда да седнеме, да разговараме, да бараме компромис, консензус, итн“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија. 

Околу прашањето за една изборна единица најгласни се помалите политички партии, а целта е да се поттикне и поголема одговорност на извршната и законодавната власт, вели Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз.

„Клучно е дека помалите политички партии не треба да одат со поголеми политички партии за да обезбедат влез во парламентот. Наместо за парламентарните, ние предлагаме отворени листи да имаме на следните локални избори и тоа неколку пилот-општини како Центар, Струга, Гевгелија“, вели Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз. 

Демократската унија за интеграција поддржува измени на Изборниот законик. Интегративците се залагаат и за отворени листи и изборен праг од 3 до 5 проценти.

„ДУИ предлага промена на актуелниот изборен модел од шест изборни единици во една изборна единица со отворени листи, со воведување на изборен праг од 3% од регистрираните избирачи, или алтернативно, праг од 5% од гласачите кои учествувале на изборите, како механизам за гарантирање на стабилност и политички избалансирана застапеност“, се вели во соопштението на Демократската унија за интеграција. 

Се огласија и од Партијата за движење на Турците кои побараа посебна изборна единица за помалубројните етнички заедници во земјата, за правичен и фер настап и поголема шанса за парламентарно претставување.

Претходно, претседателот на СДСМ, Филипче, изрази подготвеност за разговори за една изборна единица, вклучително и прашањето за цензусот, како и за отворените листи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД ги удвоија царините за челик и алуминиум на 50%

Дејан Дејан

Инженери на Република Македонија со барање до Бирото за метрологија- се сомневаат во точноста на струјомерите

Дејан Дејан

Протести против воведувањето на еврото во Бугарија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе