Oд Катастар за Телма велат дека Арсовска попладнево дошла во катастарот и договориле утре да се направи увид во предметот за да се потврдат или отфрлат нејзините тврдења за наводите што ги изнесе во денешната објава на Фејсбук.
Од Катастар тврдат дека постапката ја воделе врз основа на документација што ја добиле од општина Чаир. Засега нема одговор од градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.
Обвинителството ги повика сите службени лица да ги пријават сознанија или докази за кривично дело. Претходните две дивоградби објавени од страна на Арсовска се веќе дел од постапка почната од скопската полиција, потврдија од обвинителството. Но, повикаа службените лица да доставуваат сознанија или докази кај надлежните органи откако Арсовска во неколку наврати ги изнесуваше обвинувањата во живо на livestream на социјални мрежи.
-Во однос на сомненијата за објекти-дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје утрово прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува. Воедно, потсетуваме дека сите службени лица кои имаат сознанија или докази за извршено кривично дело имаат законска обврска тоа да го пријават на надлежните органи, одговорија од Обвинителството.
Рано попладне пак Арсовска отиде на нова локација каде посочи уште една дивоградба зграда за чиј стан се вршела постапка за легализација.