Во прашумите на Амазон, но во Скопје, како што ги нарече градоначалничката Данела Арсовска, багерите денеска не работат, а насобраниот песок не се транспортира. На оваа сепарација надзор 24 часа сега врши Град Скопје, откако Арсовска обвини за нелегална и бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар во општина Аеродром од страна на фирмата „Прогрес компани“. Активности на терен фирмата денеска имаше само како подизведувач на фирмата МТБ инвест која е ангажирана од страна на Водостопанство да врши вадење на песок и чакал во Долно Лисиче. Но, Арсовска обелодени дека фирмата всушност врши дополнителен ископ за свои намени без за тоа да ја има обезбедно потребната документација.
Од Министерството за животна средина за Телма велат дека во врска со пријавата дека незаконски се црпи песок од Вардар и е поставена монтажна сепарација на 22 мај на терен излегол инспектор од Државниот инспекторат за животна средина и поведена е постапка.
„На лице место беа затекнати претставници на правни субјекти кои се учесници при реализација на Проект заштита и подобрување на режимот на водите на река Вардар, делница Јурумлери. За конкретната делница Министерството за Животна Средина и Просторно Планирање има издадено Дозвола за вадење на песок, чакал и камен на носителот А.Д. Водостопанство – Скопје. Инспекцискиската постапка е се уште во тек“, велат од Министерството за животна средина.
Од општина Аеродром пак велат дека нивниот инспектор за животна средина на 15 мај извршил надзор и е констатирано дека „Водостопанство“ поседува дозвола за вадење песок, чакал и камен со важност до септември годинава, како и решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина, потпишани во 2023 година од тогашната министерка за животна средина Каја Шукова.
„Напоменуваме дека за сепарација, односно инсталации за ископ, дробење и мелење на минерални суровини е надлежен Град Скопје, согласно со уредбата за определување на активностите на инсталациите за која е потребна Б интегрирана еколошка дозвола, како за издавање, така и за спроведување инспекциски надзор“, посочуваат од Општина Аеродром.
Прогрес компани е основана во 2004 година од Ќазим и Ќамил Османовиќ. Дејноста и е изградба на патишта и автопати. Друга фирма со слично име „Еуро прогрес“ која се поврзува со Ќамил Османовиќ до 2021 година ќе ја врши експлоатација на реката Пчиња. Но, против фирмата ќе протестираат жителите на Горно, Долно и Средно Коњари и ќе обвинат за еколошка катастрофа. Откако во 2021 година Државниот инспекторат за животна средина ќе утврди нерегуларности Владата ќе го раскине договорот за концесија со „Еуро прогрес“.
Марија Митевска