Во Кочани, деновите на жалост станаа секојдневие – семејствата на починатите во кобниот пожар во непребол, најблиските на настраданите во битка со справување со последиците.
„Многу е тешко болка да се искаже, градот е во голема трагедија, најпрво од загинатите деца. Во Кочани за 2-3 години не се раѓаат толку деца колку Кочани во еден ден се раздели од таква бројка на млади и перспективни дечиња. Таа болка ништо не може да ја измери. Таа болка ќе трае со години, а можеби и со децении, или пак со последниот крик и срцева болка на мајка што си го испратила детето“ вели со Благица Сабовљевиќ Стоименова – граѓански активист и мајка на повреден син.
Стоименова вели дека Кочани не смее да биде оставено во ваков траор како што се наоѓа сега.
„Повредата е толку осетлива што од минута во минута создава нови проблеми. Едно лечиме на друго место ни се создава жариште, велат докторите кои ги лекуваат повредените од трагедијата во Кочани. Секој ден нови проблеми кај дечињата во првите три недели се јавуваа, многу непланирани операции, кои и докторите не ги очекуваа. Толку е комплексна таа повреда, тие 190 дечиња, што ќе ги носат со години, и што никој од медицинските лица не им гарантира одреден рок за заздравување. Тоа ќе биде долг процес за рехабилитација“ објаснува Стоименова.
Таа додава дека човештвото во овие моменти не смее да се мери. Потребно е надминување на природните рамки каде и најнечовечниот треба да се надмине себе и да покаже тронка емпатија, солидарност и тронка разумност.