Македонската машка одбојкарска репрезентација утре во Струмица ги почнува подготовките за настапот во Златната лига, а утре првиот собир ќе го имаат и одбојкарките, кои пак ќе настапат во Сребрената Европска лига.
Селекторот Јошко Миленковски на првиот собир на располагање ќе ги има сите 16 повикани одбојкари. Според планот на подготовките, нашиот тим ќе тренира во Струмица во салата „Парк“, а веќе на 24 и 25-ти мај ќе одигра пријателски двомеч со Хрватска и тоа во Марибор, Словенија. Златната лига за македонските одбојкари почнува на 6-ти јуни, кога се игра првиот турнир во Братислава, на кој освен домашната селекција на Словачка наши противник е и Финска. Една недела подоцна на вториот турнир во Рига ќе играме против Летонија и Грција, а Македонија ќе биде домаќин на третиот турнир во Струмица од 20 до 22 јуни и ќе ги пречекаме Црна Гора и Израел.
На првиот собир на одбојкарките ќе се појават 20 репрезентативки, а ќе доцни само Тамара Стојанова, која ќе се приклучи на подготовките еден ден подоцна. Во Сребрената лига, Македонија е домаќин на првиот турнир од 30 мај до 1 јуни, каде ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија. Потоа нашите одбојкарки ќе играат уште два турнири, во Фарски острови против домаќинот и Австрија, а третиот турнир повторно ќе се игра во Струмица, но условно кажано домаќин ќе биде Израел, на кој ќе настапи и селекцијата на Грузија.